
Почна расправата во бугарското Народно собрание за укинување на ветото за РСМ
Утрово во Народното собрание се пријавија доволен број пратеници и седницата почна, а прва точка на дневен ред на пратениците е предлогот за Северна Македонија, јавува БНТ. Бугарскиот парламент може да му даде мандат на Советот на министри да ја одобри преговарачката рамка предложена од француското претседателство и да го укине ветото на PCM, посочува бугарската телевизија.
Условите за поддршка во предлогот на Демократска Бугарија се: ефикасно спроведување на договорот за соседство, гарантирање на правата на Бугарите во РСМ со нивно рамноправно вметнување со другите народи во Уставот, ништо во пристапниот процес не може да се толкува како признавање на постоењето на македонскиот јазик и европски гаранции за исполнување на условите на Бугарија.
На вчерашната седница на Комисијата за надворешна политика „Препродба“ и „Има таков народ“ гласаа „против“ предлог-одлуката, додека БСП беше воздржана.
Бугарскиот премиерот во оставка Кирил Петков доцна синоќа во Брисел коментираше дека не очекува Националното собрание денеска да донесе конечна одлука за францускиот предлог.
Премиер Димитар Ковачевски вчера, по Самитот ЕУ-Западен Балкан во Брисел, го отфрли францускиот предлог за надминување на спорот со Бугарија.