Пјонгјанг ја осуди американската „агресија“ на одбележувањето на Корејската војна

Северна Кореја во саботата ги осуди „агресивните потези“ на Вашингтон и Сеул и вети одмазднички мерки, одбележувајќи ја 72-годишнината од избувнувањето на Корејската војна, во периодот на нараснатите тензии на Корејскиот полуостров, како и воопшто во азиско-пацифичкиот регион.

Американскиот претседател Џо Бајден и неговиот јужнокорејски колега по должност Јун Сук-јеол во мај договорија поголема испорака на американско оружје за да се заузда Северна Кореја, за којашто се сомневаат дека го подготвува првото тестирање на нуклеарно оружје по пет години.

Севернокорејската државна новинска агенција KCNA во саботата пренесе дека низа работнички организации одржале состаноци „за да дадат завет на одмазда на американските империјалисти“, обвинувајќи ги САД за започнување на Корејската војна од 1950 до 1953 година.

Според KCNA, Пјонгјанг го осудил Вашингтон поради она што го нарекува „агресивни потези“ кои ги изведува заедно со Јужна Кореја и Јапонија, и порачал дека американското распоредување на „стратешките ресурси“ во Јужна Кореја има цел „предизвикување уште една војна“.

За стратешките ресурси, според Северна Кореја, се сметаат носачите на авиони, тешки бомбардери со долг долет, ракетни подморници. Покрај тоа, во Јужна Кореја постојано се стационирани 28.500 американски војници, кои со јужнокорејските сили двапати годишно изведуваат големи маневри, коишто Северна Кореја редовно остро ги осудува како подготовка за инвезија врз нејзината територија. Покрај тоа администрацијата на поранешниот американски претседател Барак Обама во 2016 година во Јужна Кореја го размести најскапиот високотехнолошки противракетен систем ТHAAD (Therminal High Altitude Area Defense), наводно за пресретнување на балистичките проектили од Северна Кореја, но кој има и офанзивен потенцијал.

„Таквото дрско однесување на САД го зголемува гневот и желбата за одмазда на корејскиот народ“, известува KCNA.

Одбележувајќи ја годишнината од почетокот на војната, во Сеул претседателот Јун се обврза да стори сѐ што е во неговата надлежноста да ги сочува мирот и слободата.

„Ќе го задржиме силниот безбедносен систем темелен на јужнокорејско-американскиот сојуз и силната војска поткрепена од науката и технологијата“, напиша Јун на Facebook.

Саботната годишнина се одбележува во време додека растат стравувањата дека Пјонгјанг, по десетиците тестови на проектили од почетокот на годината, би можел да го спроведе своето седми тестирање ан нуклеарно оружје, за кое американски и јужнокорејски функционери велат дека би можело да се случи „кога и да е наскоро“.

 

Корејска војна

На 25-ти јуни 1950 година комунистичката Северна Кореја извела напад врз Јужна Кореја, која ја имала поддршката од САД, Велика Британија и Канада. На страната на Северот се заземаат тогашниот Советски сојуз и Кина, а севкупно во судирот се вмешани на разни начини петнасетина земји. Војната по речиси милион жртви завршува во 1953 година со потпишување на примирје и создавање демилитаризирана зона меѓу двете Кореи, но не и со потврден мировен договор. Таков мировен договор не е потпишан до денес, па затоа Корејскиот полуостров технички сѐ уште е во војна.

Според процените на министерството за одбрана на Јужна Кореја се проценува дека во војната загинале 520.000 Севернокорејци, 137.000 војници на Јужна Кореја и 37.000 Американци. Според процените на Пјонгјанг во оваа војна биле соборени над 1.500 непријателски авиони, од кој огромно мнозинство американски.

И додека Сеул за почетокот на војната го обвинува Северот, Пјонгјанг кој Корејската војна ја нарекува Победничката татковинска ослободителна војна, вели дека Југот го извел нападот и бил принуден на противнапад.