Шведска и Финска допрва треба да преземат „конкретни и искрени“ чекори да ја ублажат загриженоста на Турција пред нивното предложено влегување во НАТО, изјави во саботата турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган во телефонскиот разговор со генералниот секретар на воениот сојуз, Јенс Столтенберг.
Изјавата на Ердоган доаѓа на помалку од една седмица од одржувањето на самитот на НАТО во Мадрид, кога се прават напори за итно позитивно решение на барањето на двете скандинавски земји за членство во Алијансата.
Финска и Шведска, кои со децении изведуваат заеднички вежби со НАТО и западните земји, ја напуштија својата традиционална политика на воена неутралност и искористувајќи на офанзивата на Русија во Украина, поднесоа кандидатури за членство на Алијансата.
Официјална Анкара подолго време ги обвинува Хелсинки и Стокхолм дека го згрижуваат и прифаќаат припадниците на Работничката партија на Курдистан (PKK) која од 1984 година води вооружен бунт против Турција каде што е забранета, а се наоѓа и на листите терористички организации на ЕУ и на САД. Турција, исто така, им забележува на нордиските земји за пружање засолниште на припадниците на FETO, следбеници на исламистичкиот проповедник Фетула Ѓулен кој е во егзил во САД а ги обвинува за неуспешниот воен удар во јули 2016 година, и за ембарго на извозот оружје во Турција по нејзината воена интервенција против курдските сили во Сирија.
Шведска и Финска ги отфрлаат овие обвинувања, но Турција сѐ уште е единствената земја во НАТО којашто отворено го блокира нивниот прием.
„Турција сѐ уште очекува дека Шведска и Финска ќе го променат својот став“ во врска со PKK, рекол Ердоган, извести неговиот кабинет во саботата вечерта.
Стокхолм и Хелсинки, исто така, би требало да „гарантираат“ дека ќе го укинат ембаргото на извозот на оружје за Анкара и дека нема да прибегнуваат на слични тактики во иднина, додал Ердоган.
Во одделен телефонски разговор со шведската премиерка Магдалена Андерсон претходно во саботата, турскиот претседател го повторил своето барање за екстрадиција или депортација на одредени лица, наведе кабинетот на Ердоган. Не е објавено за кои лица станува збор.