На итна седница на Штрајкувачкиот одбор што претседателството на ССМ ја одржа по електронски пат, донесена е едногласна одлука за ставање во мирување на генералниот штрајк во регионите на општините Делчево, Виница и Демир Капија, кои вчера попладнето беа погодени од невреме, а заради потребата од ставање на сите расположливи капацитети за справување со последиците од елементарната непогода.
Штрајкот ќе биде во мирување до завршување на потребата за ангажирање на дополнителни капацитети за справување со последиците од невремето во погодените региони.
-По информациите добиени од штрајкувачите од погодените региони од невремето, како и поради ограничувањата предвидени со правилата за генералниот штрајк неопходно беше да се донесе Одлуката врз основа на која 100 отсто од вработените во јавниот сектор во погодените региони, а кои штрајкуваат, ќе бидат ставени во функција за расчистување на последиците од невремето. Нашите колеги браќа и сестри синдикалци се веќе на терен и истите помагаат на најпогодените, информираа за МИА од ССМ.