Земјите од Г7 имаат намера да соберат 600 милијарди долари за земјите во развој како „одговор“ на Кина

Челниците на земјите на седумте индустриски најразвиени земји на светот од Г7 ветија во неделата дека имаат намера да соберат 600 милијарди американски долари приватни и јавни средства во следните пет години за финансирање на инфраструктурните проекти во земјите во развој и спротиставувањето на кинеската глобална транспортно-економска иницијатива Појас и пат.

Американскиот претседател Џо Бајден и по оваа тема го имаше водечкиот збор и заедно со другите сојузници од Г7 го покренаа „Партнерството за глобална инфраструктура и вложувања“ на годинешниот самит во дворецот Елмау во германската јужна сојузна покраина Баварија.

Бајден уверуваше дека САД ќе обезбедат 200 милијарди долари како неповратни средства, сојузни фондови и приватни вложувања во следните пет години за поддршка на проекти во земјите со ниски и средни примања кои придонесуваат во борбата против климатските промени, подобрувањето на глобалното здравје, јакнењето на рамноправноста на половите и дигиталната инфраструктура.

Додаде дека дополнителни „стотини милијарди долари“ би можело да дојдат од мултилатералните развојните банки, државни фондови и други извори.

„Сакам да бидам јасен. Ова не е помош или милосрдие. Тоа е вложување коешто ќе им биде исплатливо на сите“, рече Бајден додавајќи дека тоа ќе им овозможи на земјите да ги „видат конкретните предности на партнерството со демократиите“.

Европската унија во исиот период ќе „мобилизира“ 300 милијарди евра за изградба на одржлива алтернатива на кинеската иницијатива Појас и пат којашто кинескиот претседател Кси Џинпинг ја започна во 2013 година, најави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен.

„Наше е да дадеме позитивен и силен инвестициски импулс на светот и да им покажеме на нашите партнери во светот во развој дека имаат избор и дека имаме намера да истапите во солидарноста за да го задоволиме нивните развојни потреби“, рече фон дер Лејен на прес-конференцијата со челниците на Британија, Германија, Италија, Јапонија, Канада и САД

Францускиот претседател Емануел Макрон и британскиот премиер Борис Џонсон не присуствуваа на заедничката прес-конференција, но нивните земји учествуваат во оваа иницијатива.

Кинеската инвестициска шема вклучува развој и програми во повеќе од 100 земји во светот, чијашто цел е создавање модерна и брза верзија на древниот трговски Пат на свилата од Азија до Европа, но преку азиски пристаниште има краци и кон Африка.

Вашингтон веќе десет години ја критикува кинеската иницијатива Појас и пат дека „дала малку опиплива полза за земјите во развој“.

Бајден како пример на вложувањата на САД истакна неколку проекти, меѓу кои и проектот за развој на соларната енергија во Ангола во износ од две милијарди долари со поддршка на американското министерство за трговија, американската извозно-увозна банка, американската компанија „AfricaGlobal Schaffer“ и американскиот проект „Sun Africa“.

Заедно со членките од Г7 и Европската унија, САД ќе пружат и техничка помош од 3,3 милијарди долари за институтот „Pasteur de Dakar“ во Сенегал за производство на разни вакцини.

Американската агенција за меѓународен развој (USAID), исто така, ќе даде до 50 милиони долари во следните пет години во глобалниот фонд на Светската банка за поттикнување на детската нега, според Бајден.

Фредерике Родер, потпретседателка на непрофитната организација „Global Citizen“, изјави дека најавените вложувања би можеле да бидат „добар почеток“ според поголемиот ангажман на земјите од Г7 во земјите во развој.

„Членките на Г7 просечно издвојуваат само 0,32 отсто од нивниот бруто национален приход (БДП) од ветените 0,7 отсто за помош на земјите во развој“, рече Родер.