Регионалниот суд во градот Нојрупин во германската сојузна покраина Бранденбург во вторникот го осуди на пет години затвор 101-годишнот Јозеф Шуец, поранешен чувар во концентрациониот логор Заксенхаузен, пренесуваат германските медиуми.
Како што пишува Bild, претходно обвинителството во Бранденбург побарало пет години затвор за обвинетиот, а неговите адвокати инсистираа на ослободителна пресуда тврдејќи дека на судењето не биле презентирани докази за негово соучесништво во злосторства. Самиот обвинет докрај негирал дека служел во концентрациониот логор, и покрај тоа што обвинителството на судот му доставил „многу релевантни документи“ од архивата Заксенхаузен.
Поранешниот припадник на злогласните SS единици (акроним од Schutzstaffel – Заштитни одреди) во текот на Втората светска војна е прогласен за виновен за вмешаност во смртта на 3.518 затвореници во нацистичкиот логор Заксенхаузен. Во текот на процесот обвинителството како сведоци вклучи и преживеани поранешни логораши. Нивните застапници барале казна за Јозеф З. подолга од пет години, додека двајца кообвинители изјавиле дека нивните клиенти би биле задоволни и со условна казна. Поради возраста, сега осудениот на рочиштата можел да присуствува само на ограничено време, односно околу два ипол часа секој ден.
Повеќе од 200.000 затвореници, биле испратени во периодот од 1936 до 1945 во концентрациониот логор Заксенхаузен, во градот Ораниенбург крај Берлин. Десетици илјади умреле од глад, болести, принудна работа, медицински експерименти извршени врз затвореници од нацистички лекари, тортура и системски истребување од страна на паравоените SS единици.
Единиците на советската Црвена армија и на Војската на Полска го ослободиле концентрациониот логор на 22-ри април 1945 година, кога во него имало околу 3.000 затвореници, главно Евреи и Роми. Повеќе од 30.000 затвореници претходно SS-овците ги натерале на таканаречениот „марш на смртта“ кој бил проследен со злосторства од страна на чуварите. На територијата на поранешниот логор има споменик, кој годишно го посетуваат околу 700.000 луѓе.
Според информативната база создадена во соработка помеѓу Институтот за современа историја Минхен-Берлин и споменикот Јад Вашем во Ерусалим, од 1945 година, речиси 38.000 истраги за нацистичките злосторства биле спроведени во поранешна Западна Германија., а 15.000 истраги во комунистиката Источна Германија до 1990 година. Според весникот Die Welt, само околу 17.000 луѓе завршиле пред судовите во Западна Германија под обвинение за нацистички злосторства, од кои 270 лица се осудени на долги казни затвор – од 10 години до доживотен, објави весникот.
Последниве години во Германија се одржаа неколку судења на поранешни работници на нацистички концентрациони логори. Оскар Гронинг беше осуден во 2015 година на 94-годишна возраст за соучесништво во убиство на најмалку 300.000 затвореници во концентрациониот логор Аушвиц и осуден на четири години затвор. Судот во германскиот град Ицехо во октомври 2021 година го обвини 96-годишниот Ирмгард Фурхнер, поранешен секретар на нацистичкиот концентрационен логор Штутхоф, за вмешаност во повеќе од 11.000 убиства и обиди за убиства. Случајот беше разгледуван во советот за малолетнички работи, бидејќи во моментот на кривичното дело, осомничениот бил на возраст под 21 година.
Концентрациониот логор Штутхоф е основан во 1939 година на територијата на окупирана Полска источно од Гдањск. Во логорот загинале околу 65.000 затвореници. Биле спроведувани медицински експерименти врз затворениците од Штутхоф, а сапун бил произведуван од човечки тела. Во моментов, на местото на концентрациониот логор е подигнат музеј.