Над половина од тестираните на грчките острови Миконос и Милос позитивни на Covid-19

Стапката на позитивност на грчките острови Миконос и Милос во изминатата седмица надмина 50 отсто, а во цела Грција е повеќе од 12 отсто.

Сопоред официјалните податоци од Националната организација за јавно здравје на Грција, за стапката на позитивност во периодот од 20-ти до 26-ти јуни годиава, на Миконос 53,53 отсто од направените тестови биле позитивни, на Милос 52,45 проценти, а на Санторини 39,51 отсто.

Според стапката на позитивност, следат островите Итаки, Парос, Карпатос, Крф, Кос и источниот дел на областа Атика, поширокиот регион на Атина со над 20 отсто.

Во конкретниот период од седум дена стапката на позитивност во Грција е 12,7 проценти, од вкупно 715.666 лабораториски тестови (PCR и rapid).

Националната организација за јавно здравје на Грција секоја среда заедно со дневните податоци за новозаразени, починати и хоспитализирани, ја објавува и стапката на позитивност на седумдневно ниво.

Од почетокот на пандемијата во земјата се потврдени 3.661.004 случаи на Ковид-19, се проценува дека има 168.440 реинфекции што е 4.4 отсто од вкупниот број на позитивни резултати, а починаа вкупно 30.218 лица.