Џонсон: Злобно е тоа што Путин го направи во Украина

Тоа што рускиот претседател Владимир Путин го направи во Украина е злобно, изјави британскиот премиер Борис Џонсон, додека британската Влада објави за дополнителна воена помош во вредност од милијарда фунти за Киев.

– Мислам дека тоа што го направи е злобно. Сметам дека од тоа, веројатно следува дека, ако сте она што го правите, тогаш секако е, одговори Џонсон на прашањето дали Путин бил злобен, при разговор со GB News на Самитот на НАТО во Мадрид.

Тој додаде дека тоа „било ужасен чин на неоправдана агресија против невин народ“.

Додека лидерите на 30 земји членки на НАТО разговараа во Мадрид, руските сили ги интензивираа нападите во Украина, вклучувајќи ракетни напади и гранатирање на јужниот регион Миколаив.
Џонсон отворено ја поддржа Украина, одржуваше редовни телефонски разговори со претседателот Володимир Зеленски и го посети Киев двапати од почетокот на руската инвазија на 24 февруари, потсетуваат медиуми.
Москва своето дејствување во Украина го нарекува „специјална воена операција“ за ослободување на земјата од ултранационалисти, за кои тврди дека претставуваат закана за безбедноста на Русија.

Украина и нејзините западни сојузници ја обвинуваат Русија за, со ништо предизвикана, агресивна војна.
Британската Влада соопшти за уште една милијарда фунти воена поддршка за Украина, а НАТО во Мадрид ја посочи Русија како најголема „директна закана“ за западната безбедност.

– Оружјето, опремата и обуката на Обединетото Кралство ја трансформираат одбраната на Украина со цел да се спротивстави на овој напад. Ќе продолжиме цврсто да стоиме покрај украинскиот народ за да се осигураме дека Путин нема да успее во Украина, нагласи Џонсон.

Медиуми беа повикани да снимаат вежба на украински војници во јужна Велика Британија, кои се обучуваат да користат западна артилерија како дел од британската програма за помош.

Воената обука во Велика Британија, што се одржува и со поддршка од Нов Зеланд, ја поминаа над 450 припадници на украинската војска.