СДСМ: Владата ќе продолжи да ја субвенционира цената на струјата, покачување од само 7,4 отсто

Владата предводена од СДСМ ќе продолжи да ја субвенционира цената на електричната енергија за крајните потрошувачи за 80 отсто, тврдат во четвртокот од владејачката партија.

Социјалдемократите наведуваат дека според одлуката на независното регулаторно тело за енергетика, за 98,8 отсто од домаќинствата цената на струјата ќе се зколеми за просечно 7,4 отсто.

„За заштита на потрошувачите, пред сѐ, ранливите категории, домаќинствата ќе бидат поделени во четири тарифни блока зависно од тоа колку струја ќе потрошат. Најмало зголемување од 5,5 отсто ќе имаат од првиот блок, а најголемо ќе добијат оние од последниот блок чија потрошувачка надминува 1.050 киловати. Покачувањето на струјата од само 7,4 отсто е далеку пониско од лагите на ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски, преку кои шират паника кај граѓаните“, се додава во партиската објава.

Од СДСМ уверуваат и и дека „во време на светска економска и енергетска криза ги заштитува граѓаните од ценовни шокови и ќе продолжи да ја субвенционира електричната енергија“.