Никола Јокиќ го прифати најбогатиот договор во историјата на НБА!

Српскиот центар, Никола Јокиќ прифати нов договор со екипата на Денвер Нагетс. Иако фановите на клубот од Колорадо се плашеа дека ѕвездата ќе замине, до тоа нема да дојде.

Јокиќ ќе парафира петгодишна соработка со Нагетси, а ќе го потпише најбогатиот договор во историјата на НБА лигата. Србинот за петте години треба да заработи огромни 270 милиони долари, што е рекорд во најсилната кошаркарска лига на светот. Останува уште официјализација на потписот, но веста ја потврдија сите угледни медиуми, како и познатиот Адриен Војнаровски.

Јокиќ двапати во низа го освојуваше МВП признанието по регуларниот дел од сезоната во НБА лигата. Оваа сезона бележеше просек од 27,1 поени и 13,8 скока по натпревар, а Денвер мора да размисли како да го засили тимот за да почне да се бори за успеси.