Европската комисија премногу слуша грст консултанти, забележуваат ревизорите

(Photo by Leon Neal/Getty Images)

Европската комисија премногу се потпира на неколцина консултантски компании, тврди Европскиот ревизорски суд (ECA) во својот извештај, предупредувајќи на бројни „дупки“ во прописите и на можни судири на интерес.

Во периодот од 2017 до 2019 година Европската комисија потпишала договори со 2.769 консултанти, но дури 22 отсто од износите прецизирани со договорите, во износ од околу 600 милиони евра, се исплатени на 10 компании од врвот на списокот, покажува извештајот на ECA презентиран во четвртокот.

„Со други зборови, некои оддели во Европската комисија во голема мера се потпираат на релативно мал број добавувачи (на услугите), заклучуваат ревизорите.

Брисел изминатите години склучил договори во износ од милијарда евра годишно за советодавни услуги, истражувања и анализи, а консултантите главно биле вклучени во спроведувањето на политиката на проширување на Европската унија и односите со соседите.

Нивните активности ги покриваат и меѓународните партнерства, инструментите на надворешната политика и мерките за заштита на природната средина и климата.

Ревизорите предупредуваат и дека не постојат насоки кои се задачи на Европската комисија и во која мера може да им ги препуштаат на компаниите, ниту постои дефиниција за услугите на надворешните консултанти. Не е утврдено ниту кои работи, сепак, би требало да ги одработува самата Европска комисија.

Одработената работа не се анализира, што доведува до претерана зависност од неколцината даватели на услуги и до закана за судир на интересите, истакнуваат ревизорите.

„Европската комисија би требало да се погрижи да ја максимизира вредноста добиена за парите коишто ги исплаќа“, вели главниот автор на извештајот, Франсоа-Роже Казала.

Ја повикува притоа извршната власт на Европската комисија редовно и точно да известува за ангажирањето на консултантите, како и за ангажирањето на надворешни консултанти.

„Потребна е поголема транспарентност и одговорност по прашањето на задачите коишто може да им се доверат на надворешните добавувачи и управувањето со ризиците од концентрација на добавувачите, прекумерната зависност и судирот на интереси“, истакнува Казала.