Американската сојузна држава Њујорк во петокот донесе закон со кој се забранува носење оружје на многу јавни места, меѓу кои и на Тајмс Сквер, додека оние кои сакаат дозвола за носење оружје ќе мора да ја докажат својата вештина за користење и на државните службеници на преглед да им ги дадат своите профили на социјалните мрежи.
Законот е усвоен на вонредната законодавна седница, а неговото носење е поттикнато од минатонеделната пресуда на Врховниот суд на САД со кој се поништени сто години старите рестриктивни закони за носење оружје во Њујорк. Мнозинството конзервативни судии во Врховниот суд на САД првпат во историјата пресуди и потврди дека американскиот Устав го гарантира носењето оружје во јавноста за самоодбрана.
Демократите кои се на власт во Њујорк, ја осудија пресудата на Врховниот суд, бидејќи сметаат дека поради поголемиот број сопственици на оружје кои ќе можат да го носат и надвор од својот дом, ќе има и повеќе вооружено насилство.
Но притоа признаваат дека ќе мора да ги олабават условите за давање дозвола за да ја почитуваат пресудата, но во името на јавната безбедност ќе настојуваат да задржат колку што е можно повеќе ограничувања. Некои од тие ограничувања сигурно ќе биде предмет на судски тужби.
Врховниот суд на САД одлучи дека поради условите за дозвола кои во Њујорк беа на сила од 1911 година, државните службеници имаа премногу можности за одбивање да издадат дозвола за оружје.
Демократската гувернерка на сојузната држава Њујорк, Кејти Хокул, ја свика оваа вонредна седница и рече дека досегашните закони за поседувањето оружје во Њујорк резултирале со тоа државата да ја има петтата најниска стапка на смртност од огнено оружје од 50-те сојузни држави.
„Нашата сојузна држава ќе продолжи да ги штити граѓаните на Њујорк, и покрај пресудата на Врховниот суд. Тие можеби мислат дека можат да ги променат нашите животи со еден потег на пенкалото, но и ние имаме пенкала“, изјави Хокул на прес-конференцијата во главниот град Олбани додека законодавците дискутираа за законот.