Европското движење за најновиот француски предлог: Очигледна е намерата на Бугарија да оствари контрола врз преговарачкиот процес

Европското движење во Република Македонија до јавноста испрати реакција по повод најновиот француски предлог кое во продолжение ви го пренесуваме интегрално:

„Европското движење во РС Македонија кое повеќе од три декади е активен чинител во евроитенграциските процеси ги цени напорите на Европската Унија, како и актуелните залагања на Франција за симнување на бугарското вето и отпочнувањето на преговорите за членство во Европската Унија. Меѓутоа, чувствувајќи го пулсот на грaѓаните и нивната загриженост за иднината на државава изразуваме одредени резерви кои главно призлегуваат од брзината со која треба да се усвои Предлогот. Целата постапка на неговото претставување (првичниот и наводно преработениот предлог) остава простор за сомневање и предизвикува отпор на граѓаните, пред се поради пристапот кој создава амбиент на ургентност (Сега или никогаш!).

Официјалните документи објавени на ВЕБ страницата на Владата на општ начин ги претставуваат условите кои РС Македонија треба да ги исполни. Потпирајќи се на изјавите од медиумите, односно на изјавата на амбасадорката на Република Франција во Софија дека Новиот француски предлог всушност не е нов став кој се потврдува и од други бугарски политичари кои изразуваат задоволство од постигнатото. Билатералниот протокол овозможува бугарските услови да станат европски што на Бугарија ќе ѝ даде можност, секогаш кога ќе посака, да врши притисок врз Македонија преку Брисел. Впрочем, тоа можеше да се слушне и од пратениците во Бугарскиот парламент кога дискутираа за Предлогот додавајќи и дополнителни услови. Истакнувањето на паролата „Македонија е Бугарија“ е само уште еден важен доказ во таа смисла.

Не навлегувајќи во анализа на документите со кои се дефинира преговарачкиот процес, би истакнале дека Билатералниот протокол кој претставува централен сегмент на Предлогот (сѐ уште официјално не претставен во јавноста) ги фрла на спореден план Копенхашките критериуми заробуваќи ги преговорите во историскиот круг на прашања. Бугарија прва ја призна Република Македонија, но се спротивставува да стане членка на ЕУ со свој јазик, историја и култура – како секоја друга држава. Оттаму потекнува чувството на загрозеност, бидејќи непризнавањето води кон размислување дека Бугарија имала, и сѐ уште има, прикриени територијални претензии кон Македонија.

Преговарање за промена на значењето на историските личности од странски држави го нарушува националниот суверенитет, бидејќи секоја од државите има право да го изгради својот симболички корпус (корпус на значења) чија основна цел е да го одржат континуитетот меѓу генерациите. Прифаќањето на условите зададени од бугарска страна – за кои нема никаква гараниција дека ќе бидат конечни, ќе го направи процесот бавен и деструктивен.

Бугарско барање за вметнување на Бугарите во Уставот во ситуација кога и самата Бугарија знае колку граѓани се изјасниле како Бугари (на пописот на населението спроведен во октомври 2021) е факт кој укажува дека ова барање е со намера да ја компликува политичката ситуација во РС Македонија.

Потпирајќи се на фактите за динамиката на евроинтеграцискиот процес на Западниот Балкан, можеме да согледаме дека тој процес е сложен и многу долг – и за државите кои немаат билатерални спорови. Строго оптоварување на преговарачката рамка со билатерални спорови би значело насочување на ресурсите и енергијата кон решавањето на проблеми кои ќе нѐ оддалечат од исклучително значајниот реформски процес (јакнење на правната држава, борба против корупцијата, справување со климатските промени и други значајни области). Очигледна е намерата на Бугарија да оствари контрола врз преговарачкиот процес.

Го поздравуваме итното доделување на кандидатски статус на Украина и Молдавија, но сепак Европската Унија треба да покаже поголем интерес за евроинтеграцискиот процес на државите од Западен Балкан забрзувајќи го процесот на интегрирање во Унијата, пред сѐ поради новите геостратешки околности.“