Формула 1: Прва победа во кариерата за Сајнц во одличната трка во Силверстоун

Silverstone, Britain, 03 July 2022. EPA/CHRISTIAN BRUNA

Шпанскиот возач во класата Формула 1, Карлос Сајнц помладиот од тимот на Ферари победи на трката за Големата награда на Велика Британија возена во неделата на патеката Силверстоун, којашто ја одбележаа карамболот на стартот, остри дуели на патеката и возбудлива завршница.

За Сајнц ова беше првата победа во кариерата а до неа дојде минувајќи ни целта за 3.779 секунди побрзо пред Мексиканецо Серхио Перез од тимот на Ред Бул, додека трет беше домашниот миленик Британецот Луис Хамилтон од Мерцедес, со заостанување од 6.225 секунди.

Трката беше во прекин повеќе од еден час, откако веднаш по стартот на првиот свиок се судрија неколку болиди, во кој најлошо мина Кинезот Жоу Гуанји, чиј Алфа Ромео се преврте и излета на подлогата со чакал надвор од патеката, налета на гумената ограда и ја прелета и се запре на жичената ограда. За среќа, мина без сериозни повреди.

На дополнителни медицински испитувања задржан е и Тајланѓанецот Александер Албон од Вилијамс, а во сударот без можност да ја продолжи трката учествуваше и Џорџ Расел од Мерцедес, кој всушност и го предизвика инцидентот.

Во повторениот стар Карлос Сајнц многу подобро реагираше и ја задржа предноста пред актуелниот првак и водечки во генералниот пласман Холанѓанецот Макс Верстапен од тимот на Ред Бул. Верстапен имаше лош ден, бидејќи со оштетениот болид на крајот трката ја заврши на седмата позиција и не беше конкурентен за победа.

Во водство во текот на трката се менува Шарл Леклер од Ферари, Хамилтон и Сајнц, за на крајот Шпанецот прв да мина низ целната рамнина, а Леклер заврши како четврти.

Верстапен го задржа водството во генералниот пласман за возачи со 181 бод, неговиот клупски колега Серхио Перез со 147, трет е Леклер со 138 а четврти е Карлос Сајнц со 127 бодови.

Следната, 12-та годинешна трка на распоредот е за седум дена, а ќе се вози на патеката „Ред Бил Ринг“ кај Шпилберг за Големата награда на Австрија.