Седумдесет протерани руски дипломати ја напуштија Бугарија

Седумдесетте руски дипломати и нивните семејства ја напуштија во неделата попладнето Бугарија, откако беа нејасно од кого прогласени за непожелни личности во оваа земја членка на Европската унија и НАТО со образложение за наводна шпионажа, потег кој предизвика тензии во тамошната политика.

Околу 18 часот попладнево полетаа двата руски авиони „Ил-96“ и „Ту-214“ од софискиот аеродром за да ги пренесат протераните 70 дипломати и вработени во руската амбасада. Повеќе од 180 лица денеска ја напуштија Бугарија, според БТВ, од кои 43 дипломати, а  останатите се членови на нивните семејства и услужен персонал. Русија доби специјална дозвола за извршување на летовите бидејќи санкциите забрануваат прелети на руски авиони преку бугарскиот воздушен простор.

„Благодарение на вашата влада, ние заминуваме“, изјавија за БНР при влегувањето на аеродромот двајца од руските граѓани, кои пристигнаа со автобуси организирани од амбасадата.

„Русија не се плаши од ништо“, е пораката отпечатена на маицата на еден од Русите кои си заминуваа со ликот на рускиот претседател Владимир Путин.

На аеродромот, ополномоштеникот на Руската Федерација, Филип Воскресенски, за медиумите изјави дека заминува „со благодарност до Бугарија и Бугарите кои нѐ поддржуваа додека работевме. Тоа се луѓето со кои комуницираме долги години”. Тој нагласи дека никој од протераните не работел против Бугарија, туку да ги развива односите меѓу двете земји.

„Овие акции за депортација се незаконски и неоправдани“, рече Воскресенски и посочи дека меѓу оние кои зааминуваат се и генералните конзули во Русе и Варна, луѓе кои ја поддржуваат амбасадата во Софија, а на прашањето дали мисијата во Софија ќе биде затворена, одговори дека за тоа ќе одлучи претседателот на Русија.

„Никој не може да ги расипе руско-бугарските односи“, додадеј.

Бугарското министерство за надворешни работи во вторникот ја известило руската амбасада во Софија дека бара до неделата 3-ти јули да повлече 70 дипломати, но со образложение дека треба да го намали својот персонал на бројот на персоналот на бугарската амбасада во Москва.

„Првата причина е реципроцитетот. Второ, поради активности на руски службеници кои соодветните бугарски власти ги прогласија некомпатибилни со Виенската конвенција за дипломатски односи“, соопшти тогаш бугарската дипломатија.

Русија до неделата напладне ѝ даде рок на Бугарија да ја повлече одлуката, и се закани дека целосно ќе ја затвори својата амбасада во Софија, со што земјата ќе биде првата членка од ЕУ на којашто тоа ѝ се случило, но којашто сѐ уште има значителни економски и енергетски врски со Русија.

Одлуката на владата на заминување следеше откако премиерот Кирил Петков ја обвини руската амбасадорка Елеонора Митрофанова дека наводно стоела зад неодамнешното изгласување недоверба на неговата влада, а дел од западните аналитичари сметаат дека сега Бугарија може да стане слабата точка за руското влијание во ЕУ, имајќи ги предвид големите културолошки, историски и верски врски меѓу двете земји.

Петков, кој во моментов е вршител на должноста премиер а важи како „харвардски ученик“ и „американски човек“, покажа цврст антируски став, особено по почетокот на војната во Украина. Во февраури го смени министерот за одбрана бидејќи одби да го нарече „руска агресија“, според западниот вокабулар, она што Москва го нарекува „специјална воена операција“ во Украина.

Петков ги поддржа антируските санкции на Западот се согласи да ја ремонтира украинската воена опрема но одби директно на Киев да му испрати оружје. Бугарските производители на земјоделски продукти го обвинуваат дека и носел одлука тивко во пристаништето Варна да се доставуваат житарки и други производи од Украина за натамошен реекспорт, со што го поткопува бугарскиот извоз и ги прави поскапи нивните производи.