Стигна наградата за Реџепи кој ја спаси Владата од паѓање – Синот му се вработи во М-НАВ

Синот на пратеникот (сега веќе поранешен) од Движењето БЕСА, Кастриот Реџепи, кој мистериозно „исчезна“ кога требаше да се гласа недоверба на Владата, е награден со вработување во македонската воздухопловна навигација М-НАВ, дознава Нетпрес.

Тоа што е најпознато за оваа државна компанија е дека работните места навистина доаѓаат како добро заслужена награда, бидејќи просечните месечни бруто плати по вработен изнесуваат над 3.000 евра.

За потсетување, Кастриот Реџепи, иако прво се потпиша дека ќе гласа за недоверба на Владата, на денот на гласањето не се појави во Собранието. Очигледно, поради добра зделка со челниците на Владата, тогаш Зоран Заев и Али Ахмети.
Во тоа време тие го бранеа велејќи дека „Срцето на Кастриот Реџепи лежи во Вашингтон и Брисел“.

М-Нав е македонската државна компанија што го контролира македонското небо и има овластување да го одржува редот на македонското небо и да ги организира и диспечира прелетите. Токму за тоа и наплаќа такси од сите авиокомпании чии воздухоплови прелетуваат низ нашата воздушна територија.