Каталонците повеќе се плашат од Атлетико отколку од Реал Мадрид

Од минатата сезона шпанската Примера доби сосема поинаков изглед. Атлетико Мадрид успеа да ги засени големите гиганти и сосема заслужено да ја освои титулата, па јасно е дека четата на Диего Симеоено и оваа сезона рамноправно ќе се носи со Барселона и Реал Мадрид се до самиот крај.

И покрај тоа што ривалството помеѓу Реал Мадрид и Барселона трае со години наназад, претседателот на каталонскиот клуб Џозеп Бартомеу изјави дека Атлетико Мадрид ќе ѝ биде најголем ривал на Барселона во трката за шампионската титула.

„Имаме многу ривали во лигата, но најголемиот е дефинитивно шампионот, Атлетико Мадрид. Се работи за противник кој заслужува огромен респект“, изјави Бартомеу.

Атлетико Мадрид ланската сезона успеа да ја освои шампионската титула во Шпанија, и тоа по освоениот бод токму на „Камп Ноу“, во директниот дуел кој решаваше за новиот владетел во оваа земја.