
Хакерската група RaHDit, позната и како „Злобни руски хакери“, објави во петокот на веб-страницата „Немезида“ нови лични податоци за илјадници припадници на украинското воено разузнавање Главна управа за разузнавање (ГУР) и за лица поврзани со неа, пренесуваат медиумите.
Новата партија податоци се однесуваат на две ипол илјади лица. Станува збор за податоци кои се поврзани со опишувањето на криминалните карактеристики на вработени и соработници на украинското разузнавање ГУР, а меѓу нив според презентираните документи, како што е наведено, има наркозависници, осудени за разбојништво, грабежи, илегална трговија со оружје и наркотици, провали во станови, нанесување тешки телесни повреди и силувања.
Покрај тоа, хакерите RaHDit објавија и информации за роднините на разузнавачите кои живеат со нив во заедница, како и за лица кои примале исплати од сметките на ГУР.
Истовремено, анонимен претставник на хакерите за агенцијата РИА истакнал дека нема да бидат објавувани податоци за малолетните членови на семејствата на украинските разузнавачи. Додал и дека, украдени податоци и информации од украинските разузнавачки служби биле доставени на адресите на руските безбедносни агенции.
Првиот дел од личните податоци за илјада припадници и соработници на украинското разузнавање хакерите RaHDit го објавија на социјалните мрежи во средата 6-ти јули. Стануваше збор за украински разузнавачки резиденти во украинските амбасади во Русија, Индија, Австрија, Виетнам, Јужноафриканската Република, Италија, Турција и Иран. Беа објавени и податоци за аташеата на военото разузнавање и инструктори за саботажи на специјалната разузнавачка агентура во украинските дипломатски мисии во Бугарија, Полска, Словачка и Унгарија.
Според хакерите, недостатоците во заштитата на мрежите на Централната дирекција на ГУР на островот Рибалски во Киев, како и методите за анализа на големите податоци според карактеристичните модели на однесување на корисниците, им помогнале на хакерите да формираат база на податоци.
Од почетокот на руската воена инвазија во Украина, ова е најголемото протекување на податоци поврзани наводно со украинските разузнавачки служби. Во јуни RaHDIt ги направи јавно достапни на интернет податоците, како што се тврдеше, за 700 припадници на украинското разузнавање Службата за безбедност на Украина (СБУ).
На почетокот на руските борбени дејствија, оваа хакерска група објави дека извела кибернетички напади врз сите 755 веб-страници на украинската влада, особени страниците на локалните власти. Исто така, на порталот на хакерите именуван „НемеZида“, објавени беа информации за повеќе од 11.000 приврзаници на ултранационалистичките формации во Украина.