Во моментов има 30 отсто изгледи дека недела ќе биде најтоплиот ден во историјата на мерењата во Велика Британија, објави метеоролошката служба издавајќи предупредување за екстремни горештини во делови на земјата за оваа седмица.
Ретко во минатото издаваното предупредување наведува дека може да постојат опасности по животот или можни сериозни здравствени нарушувања, како последица на високите температури.
Другите проблеми за граѓаните може да бидат затворање на патните правци и доцнења или откажувања во железничкиот и воздухопловниот сообраќај.
Метеоролошката служба Met Office објави дека предупредувањето и препорачаните мерки стапуваат на сила ноќта кон неделата, кога се предвидува над 30 Целзиусови степени.
Досега најтоплиот ден регистриран во Обединетото Кралство е во јули 2019 година, кога 38,7 Целзиусови степени биле измерени во Ботаничката градина во Кембриџ.
Велс во понеделникот го забележал најтоплиот ден во годината, со 28,7 Целзиусови степени измерени во Бат Парк во Кардиф.
Во Англија температурата вчера достигнала врв од 32 степени во Нортолт во западен Лондон. Најтоплиот ден во Англија досега годинава останува 17-ти јуни кога се измерени 32,7 Целзиусови степени во Сантон Даунем во Сафолк.
Железничкиот оператор „Network Rail“ предупреди дека оваа седмица веројатно ќе биде на сила ограничување на брзина на некои делови од мрежата кои се најмногу погодени од високите температури. Истовремено противпожарните служби повикаа на пикниците да не се прават скари во текот на топлото време, по низата пожари.