Во документарен филм подготвен од Би-Би-Си, Фарах почна со реченицата „има нешто за мене што не знаете…“ и ја сподели својата приказна. Не дошол во Велика Британија со целото свое семејство, како што досега важеше неговата животна приказна, туку вистината е дека бил продаден како роб.
„Сите ме знаат како Мо Фарах, но тоа не е моето вистинско име и не е реалноста. Вистината е дека сум роден во Сомалиленд, која е на северот од Сомалија. Моето вистинско име е Хусеин Абди Кахин и без разлика што зборував во минатото, моите родители никогаш не живееја во Обединетото Кралство. Кога имав четири години, татко ми беше убиен во граѓанската војна од залутан куршум, а моето семејство се распадна. Бев раздвоен од мајка ми и илегално доведен во Обединетото Кралство под друго име“, почна атлетичарот.
“There’s something about me you don’t know.” @mo_farah
Watch #TheRealMoFarah on iPlayer from 13 July at 9pm pic.twitter.com/MeCmtk74wC
— BBC (@BBC) July 11, 2022
Од мајка му го одзела некоја жена, која претходно ја немал видено и не ја познавал. Му рекла дека ќе го носи кај неговите роднини во Англија и преку Џибути го пренела во Лондон. Му покажала пасош со негова фотографија, на кој стоело името Мохамед Фарах. Тој, како 8-9 годишно момче, признава дека бил возбуден за ова патување, но кога стигнале во Лондон работите му станале јасни.
„Го зеде листот со податоците за моите роднини и пред мене го искина и го фрли во ѓубрето. Во тој момент ми стана јасно дека сум во неволја. Ми рече ‘ако некогаш сакаш да го видиш твоето семејство повторно, за ова нема ништо да зборуваш’. Често се заклучував во тоалетот и плачев“, споделува Фарах.
Жената го однела кај некое семејство за да биде куќен слуга и да ги чува децата, а не му било дозволено и да оди на училиште до 12-тата година. Тогаш се запишал во седмо одделение, меѓутоа неговата учителка Сара Рени во документарецот на Би-Би-Си говори дека Мо бил „емоционално и културно отуѓен“, зборувал малку англиски, а луѓето кои се кажувале како негови родители не доаѓале на родителските средби.
Сè се сменило кога почнал да се занимава со трчање. Неговиот учител по физичко образование веднаш забележал трансформација кај Мо, кога траеле часовите и кога имал шанса да спортува.
„Спортот беше она што ме спаси“, вели Мо, кој се зближил со професорот Алан Воткинсон и по некое време му ја отворил својата животна трагедија.
Откако ја слушнал рпиказната, Воткинсон веднаш ги контактирал социјалните служби и Мо бил одземен од семејството кое го држело како роб. Бил предаден на друго семејство, исто така Сомалијци и оттука почнуа неговиот подем. На 14 години (1997) бил повикан да трча за Велика Британија на меѓународно натпреварување во Летонија, но немал легални документи, па професорот Воткинсон му помогнал да аплицира за пасош, кој го добил во 2000 година.
Четири пати беше олимпписки шампион (по двапати на 5 и на 10 километри во Лондон и во Рио), шест пати освои злато на Светските првенства и пет на Европските.