Претседателот на Шри Ланка, Готабаја Раџапакса, во вторникот доживеал понижувачка конфронтација со службениците на имиграциските служби на аеродромот во Коломбо, кои му оневозможиле да замине во странство, пренесува агенцијата AFP повикувајќи се на два службени извора.
Раџапакса вети дека ќе поднесе оставка во средата и ќе отвори пат за „мирно предавање на власта“ по големите протести против него поради невидената економска криза во земјата.
Седумдесет итригодишниот претседател Раџапакса ја напуштил службената резиденција во Коломбо, непосредно пред во неа да упадната десетици илјади демонстранти, и се обидел да отпатува за Дубаи, рекле соговорниците на агенцијата.
Раџапакса, како шеф на државата, има имунитет од апсење а се верува дека сака да замине во странство пред поднесувањето оставка, за да ја избегне можноста да биде приведен. Но службениците за имиграција не сакале да влезат во ВИП салонот и таму да му втиснат печат во пасошот, а Раџапакса рекол дека нема да оди на шалтерот, бидејќи стравува од одмазда на другите лица на аеродромот.
Претседателот и неговата сопруга преноќиле во воената база крај меѓународниот аеродром, откако пропуштиле четири летови со коишто можеле да отпатуваат во Обединетите Арапски Емирати.
Басил, најмладиот брат на претседателот, кој во април поднесе оставка од позицијата министер за финансии, го пропуштил летото за Дубаи рано утрото во вторникот, по сличен отпор на аеродромскиот персонал. Басил се обидел да користи платена услуга „консиерж“ за деловни патници, но аеродромскиот персонал и имиграциските службеници се повлекле од лентата за брзи услуги./
„Имаше уште некои патници кои се противеа Басил да се качи на нивниот лет. Ситуацијата беше напната, па со итање го напушти аеродромот“, рекол за AFP аеродромски службеник.
Басил, кој е државјанин на САД, морал да извади нов пасош откако својот го оставил во претседателската резиденција, бидејќи семејството Раџапакса набрзина ја напуштила за да ја избегне толпата, рекол дипломатски извор.
Официјални извори рекле дека во резиденцијата бил оставен ковчег полн со документација заедно со 17,85 милиони рупии во готовина, кои сега се под надзор на судот во Коломбо.
Кабинетот на претседателот не се огласи за тоа каде Раџапакса се наоѓа во моментов, но тој и натаму е врховен командант на вооружените сили со воените ресурси на располагање. Така, сѐ уште му е отворена опцијата со бродот на воената морнарица да отплови во Индија или на Малдиви, рекол извор од одбраната.
Доколку Раџапакса отстапи од должноста како што вети, премиерот Ранил Викремасинге автоматски ќе стане вршител на должноста претседател додека парламентот не избере пратеник кој ќе го отслужи мандатот до ноември 2024 година.
Шри Ланка не го исплати во април својот странски долг од 51 милијарда долари и преговара со Меѓународниот монетарен фонд (ММФ – IMF) за можна финансиска помош. Островската земја речиси ги исцрпи своите и онака сиромашни резерви од горива. Владата нареди затворање на канцелариите кои не се неопходни, како и училиштата за да го намали патувањето до работните места за да се заштеди гориво.