Среде сезоната летни годишни одмори на германските аеродроми се трупа багажот кој поради недостиг од персонал не им е испорачана на сопствениците, пренесуваа во вторникот германските медиуми.
Само на аеродромот во Минхен, според одговорот на прашање на агенцијата DPA, депонирани се неколку илјади парчиња багаж кој е изгубен на патот до сопствениците. На најголемиот германски и меѓу најголемите европски аеродроми Франкфурт на Мајна, бројот на куферите кои не им се испорачани на сопствениците, исто така, достигнал неколку илјади.
Како една од причините, покрај недостигот од аеродромски персонал, управата на франкфуртскиот аеродром го наведува и големиот број летови со доцнења. Воздухопловната компанија „Lufthansa“, на којашто аеродромот во Франкфурт ѝ служи како баз, ги укина сите дополнителни летови сѐ додека ситуацијата со натрупаниот багаж не се смири.
Аеродромот во Диселдорф, третиот по големина во земјата, не бил во состојба да го процени бројот на изгубените багажи кои се наоѓаат во депоата, туку упатуваат на воздухопловните компании кои водат статистика за изгубениот багаж.
Слична е и ситуацијата и на помалите аеродроми во Германија, како оние во Хамбург, Хановер или Штутгарт, а кои во овој период од почетокот на летните одмори во многу сојузни покраини, се наоѓаат на работ од сопствените капацитети.
Во меѓувреме, критиката поради хаотичната состојба на германските аеродроми, на коишто со часови се чека за предавање на багажот но и за безбедносните проверки, од воздухопловните компании и аеродромските управи делумно се пренасочи и на германската влада.
„Ситуацијата на германските аеродроми уште одамна беше предвидлива. Зошто на германската влада ѝ се потребни пет седмици за издавање специјални дозволи за увоз на работници од Турција“, изјави портпаролката на опозициската демохристијанска унија на CDU/CSU, Ања Карличек.
Додаде дека надлежните министерства со седмици ги игнорирале предупредувањата од туристичкиот сектор и синдикатот на вработените во воздухопловниот сообраќај.
Министерот за сообраќај, Фолкер Висинг, од либералните демократи FDP, ги отфрли критиките и изјави дека владата во рок од неколку дена реагирала на барање на туристичката бранша за издавање привремени дозволи за увоз на работници од Турција, за да се ублажи драстичниот недостиг од персонал на германските аеродроми.