Јиха останува во чешката ракометна репрезентација

Најдобриот ракометар на чешката репрезентација и светскиот ракометар број 1 за 2010 година, Филип Јиха, потврди дека нема да го напушти националниот тим на Чешка, барем во сезоната која следува. Левиот бек на Кил наполни 32 години во април, а се натпреварува во пеколно темпо со два, или некогаш три меча неделно во Бундеслигата, во Лигата на шампионите или со репрезентацијата, така што нема никој да му замери ако сака малку да го спушти темпото. Сепак, имајќи предвид дека следува Светското првенство во Катар, кое Чесите го изборија на спектакуларен начин, елиминирајќи ја Србија, Јиха потврди дека уште ќе го носи репрезентативниот дрес.

„Ако сум добар, подготвен сум да се борам за Чешка и во претстаојната сезона. Во разговор со моето семејство и со тренерот на Кил, Алфред Гисласон, решив дека, ако сѐ уште имам енергија – ќе играм“, ја објасни својата одлука Јиха на официјалната интернет-страница на Ракометната федерација на Чешка.

Ова ја засега и Македонија, зашто пред Мундијалот во Катар, кое ќе се одржи во јануари, Јиха ќе ѝ биде потребен на Чешка и во квалификациите за ЕП, во кои ќе играат во иста група со Македонија. Нашата репрезентација ќе почне со Швајцарија на 29 октомври, а веќе во второто коло, на 2 ноември, ќе ѝ гостува на Чешка, во меч кој може да се покаже како клучен за освојување на второто место во групата. Фаворит е Франција, а покрај Чешка и Македонија, првите две позиции ќе ги напаѓа и Швајцарија. Ако е нешто добро во сето ова, Чешка и Македонија својот реванш ќе го играат дури во последното коло, во јуни, кога Јиха ќе има веќе 33 години и уште една исцрпувачка сезона на своите плеќи.