Нов расистички напад во Атина

Нов расистички напад се случи во центарот на Атина. Група од десет до петнаесет расисти нападнале и претепале две лица, а три грчки политички партии го осудија настанот.

Ова е четврт инцидент од ваков вид последниов месец. Напаѓачите биле со црни блузи и со избричени глави. Жртвите биле жестоко  претепани, а на крајот и полеани со хлор и помија.

Последниот инцидент се случува во момент кога грчкиот Парламент се подготвува да гласа за антирасистички закон.

„Нападот со расистички мотиви наликува на активностите на Кју Клукс Клан. Нека оние кои одбиваат да гласаат за антирасистичкиот закон и со тоа да ги заштитат жртвите сега ги објаснат своите мотиви, се наведува во соопштението на ПАСОК.

По истиот повод, партијата СИРИЗА повика на неопходност од прифаќање на антирасистичкото законодавство во земјата.

И покрај сериозните слабости, предложениот антирасистички закон е можност Грција да се здобие со такво законодавство, смета опозицијата.