Носење оружје во зградата на Собранието не е дозволено, освен за лицата коишто се овластени за безбедноста во зградата на Парламентот. Во текот на денот, видов триесетина други луѓе како се шетаат со видливи пиштоли на нив по ходниците, рече лидерот на Левица, Димитар Апасиев.
– Што правите за да ја спречите оваа атмосфера на страв врз пратениците? Јас не ги знам тие момци. Можеби се истите од плоштадот „Скендербег“, можеби се некои други. Ама делуваат прилично агресивно, не носат ни сако и делуваат ноншалантно. Ве молам кажете ми по кој член и по кој став пратениците низ ходниците се должни да гледаат пиштоли? Во член 3 јасно стои дека е забрането внесување оружје во Собранието. Кој ги пуштил тие луѓе да се шетаат тука? И не се ни обидуваат да ги сокријат пиштолите. Се шетаат како каубојци. Барам објаснување од претседателот на Собранието, Талат Џафери – рече Апасиев.
Џафери, пак, му одговори дека во Правилникот е уредено дека во Парламентот е дозволено да присуствува обезбедување на премиерот на Владата, на претседателот на државата…
– Цело време додека овие лица присуствуваат во Собранието, дозволено е да бидат во пратња на соодветни лица. И затоа движењето на тие лица по ходниците е нивно право. А во врска со стравот на пратениците, јас не сум виновен. Не можам тука ништо да сторам. Јас сум овде 20 години и се изменија неколку претседатели на Собранието. И сите го правеа истото. И мене ми беше чудно на почетокот, ама се навикнав. Тоа е правило – рече Џафери.