
Суд во Шведска го осуди во четвртокот на казна доживотен затвор 81-годишниот Хамид Нури, поранешен функционер во Иран, поради наводно учество во масовни ликвидации и мачења на политичките противници во 1980-те години.
Нури беше уапсен на аеродромот во шведската престолнина Стокхолм во 2019 година, а обвинет е за воени злосторства и масовни ликвидации, како и измачувања на политичките затвореници во 1988 година сторени во затворот Гохардашт во северното предградие Караџа на околу 20 километри западно од иранската престолнина Техеран.
Нури „во соработка со други учествувал во ликвидации“, соопштил судот при изрекување на пресудата за „тешки злосторства според меѓународното право“.
Според шведските закони, судовите може да им судат на шведски и странски државјани за злосторства против меѓународното право сторени надвор од територијата на Шведска.
Нури ги отфрли сите обвиненија, а неговиот адвокат најави жалба. Во Техеран, пак, ја осудија таквата пресуда на судот во Стокхолм.
„Иран е апсолутно сигурен дека казната изречена за Нур е политички мотивирана и не е правно валидна“, изјави портпаролот на иранското министерство за надворешни работи Нассер Канаани.
Стотици Иранци во егзил кои го следеле судењето го поздравија изрекувањето на пресудата со изрази на задоволство. Шеесет ипетгодишниот Реза Фалахи, еден од тужителите, изразил надеж дека Нури во затворот ќе изнесе информации за наводните убиства. „Бараме вистина и правда“, рекол Фалахи кој минал десет години во ирански затвор, бидејќи, како што тврди ја поддржувал опозицијата.
Некои групи за човекови права финансирани од западните влади велат и дека актуелниот ирански претседател Ебрахим Раиси, бил еден од четирите судии кои биле задолжени за контрола на егзекуциите. Минатата 2021-ва, запрашан за наводните егзекуции, Раиси за новинарите изјави дек „доколку судијата и обвинителот ја бранат безбедноста на народот, тие заслужуваат пофалби“.
Судењето на Нури ги влоши односите меѓу Шведска и Иран. Непосредно пред да заврши судењето во мај, иранските медиуми известија дека шведско-иранскиот научник Ахмадреза Џалали е осуден на смрт под обвинение дека шпионирал во полза на Израел и оти ќе биде егзекутиран. Стокхолм објави и дека еден шведски турист завршил во ирански затвор.
Од Amnesty International проценуваат дека наводно по наредба на иранските власти биле егзекутирани 5.000 луѓе, а во извештајот од 2018 година се проценува дека „вистинската бројка би можела да биде поголема“. Иран никогаш не ги призна обвинувањата за таквите убиства.
Нури е досега единствениот кому му е судено за чистки на политичките противници и напади на групацијата Народни муџахедини на Иран, сунитска заедница во доминантно шиитскиот Иран, која се бореше на страната на ирачкиот сунитски диктатор Садам Хусеин во ирачко-иранската војна во 1980-те година, а по инвазијата врз Ирак, САД го им обезбедија камп за обука и живеење крај ирачката престолнина Багдад. Но по повлекувањето на главнината на американските трупи, стравувајќи од одмазда во мнозинскиот шиитски Ирак, Вашингтон во 2006-та за своите сојузници издејствува од албанските власти неколку илјади ирански муџахедини да пресели во близина на Тирана. Техеран го обвинува САД и Израел дека ги вооружуваат и логистички ги помагаат за изведување терористички напади во Иран.