Ѓоковиќ ќе мора да се вакцинира ако сака да игра во Канада

Шампионот од Вимблдон, Новак Ѓоковиќ доби лоши вести пред пред последниот годинешен гренд слем турнир, УС Опен, нема да може да настапи на Мастерсот во Монтреал доколку не ги промени своите убедувања околу коронавирусот.

Имено, владата на Канада не дозволува влез во земјата на невакцинирани лица против коронавирусот, а шансите да се промени одлуката до почетокот на Мастерсот (8 август) се минимални.

– Правилата важат за сите. Секогаш има исклучоци, но тоа се ограничени исклучоци. Коронавирусот сè уште е тука меѓу нас и мора да бидеме внимателни. Успеавме да го запреме ширењето на вирусот, голем процент од нашите граѓани се вакцинирани со две дози, а нашата намера е тој број да биде уште поголем и мораме да дадеме добри примери – изјави министерот за здравство на Канада, Жан Ив Дукло.

Мастерсот во Канада претставува вовед во американската турнеја, каде ќе се игра Мастерсот во Синсинати по што од 29 август до 11 септември ќе се одржи УС Опен.