![dodik-1](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2022/07/dodik-1.jpg?resize=696%2C392&ssl=1)
Српскиот член на Претседателството на БиХ, Милорад Додик, денеска ја оцени одлуката на властите на Република Хрватска за забрана на доаѓањето на српскиот претседател Александар Вучиќ во Јасеновац како неприфатлива и лоша за идните односи меѓу двата народа.
„Србите и Хрватите имаа тешко минато. И едните и другите заслужуваат подобра иднина. Начинот на кој дејствуваа хрватските власти не е гаранција за таква иднина“, рече Додик.
Хрватската влада не дозволи приватна посета на српскиот претседател на Јасеновац. Министерството за надворешни и европски работи на Хрватска, во образложението на забраната соопшти дека Хрватска не била официјално информирана за можната посета, но и дека посетата на висок претставник на странска држава на Јасеновац не може да биде од приватен карактер.
„Регионалната соработка и добрососедските односи не се градат со забрани туку со подадена рака. Затоа одлуката на хрватските власти е неприфатлива и несфатлива“, рече лидерот на босанските Срби.
Тој додаде дека Вучиќ е првиот претседател на Србија кој за време на неговиот мандат изразил желба да положи венец во Јасеновац и дека бил запрен во таа намера.
Вучиќ планирал покрај Јасеновац да го посети и Пакрац, а за тоа усно го информирал лидерот на СДСС Милорад Пуповац.
(МИА)