Звонко Шундовски и ракометарите на Констанца, која ја тресе тешка беспарица, го освоија можеби последниот трофеј, триумфирајќи во Суперкупот на Романија со победата од 24:21 над Штинца Бакау во Брашов.
Тимот чиј тренер е поранешниот македонски селектор, кој во минатата сезона ја освои двојната круна, се соочува со згаснување ако Советот на општината не му додели финансиска помош на својата седница задутре. Клубот е во безизлез откако Судот ја блокира поддршката од Окружниот совет од четири милиони леи, доделени претходно годинава.
Ракометарите и членовите на Стручниот штаб немаат примено плата четири месеци, што беше причина ексрепрезентативецот на Македонија, Бранислав Ангеловски, пред неколку дена да ја напушти екипата. Тоа го сторија и Александру Булиган, како и ангажираните засилувања – Шпанецот Хавиер Умет, Хрватот Никола Кеџо и Србинот Горан Богуновиќ. Покрај тоа, Шундовски за денешниот меч не можеше да смета ниту на голманот Михаи Попеску и на пивотменот Младен Ракчевиќ поради повреда.
Иако имашена располагање само 14 играчи, популарниот Шундо прослави уште еден трофеј со Констанца најмногу благодарение на голманот Руди Станеску, кој беше прогласен за играч на натпреварот.