Братот на Мартин: Не можам да си заминам дома без брат ми, потрагата е прескапа, потребна ни е помош

Десет дена трае потрагата по исчезнатиот 31 годишен Македонец Мартин Јовановски, кој со своите пријатеи беше повлечен од морските струи кај Посиди на првиот крак од Халкидики.

Неговиот брат Горан е дојден од САД со сопругата и 10 месечното дете за да се приклучи во потрагата и да биде со својата мајка.

Горан апелира до грчката влада повторно да помогне и да се вклучи во потрагата, бидејќи, како што вели, нивните финансиски средства како семејство се исцрпени а износот кој е потребен за ангажирање на сите пловни и воздушни средства е превисок.

-За жал, немаме никако резултат, никаков знак. „Заглавени“ сме во друга држава, но не можам дома да си заминам без брат ми. Не можам да и кажам на мајка ми како да се вратиме во татковината без него. Потрагата за мојот брат станува прескапа бидејќи се изнајмуваат чамци како и подводни дронови со термални камери, вели Горан во изјава за грчки медиум и посочува дека донациите им се важни и без нив не би можеле ништо да направат, вели тој.

Додава дека, има малку луѓе, а просторот кој треба да се пребара е преголем. Тој испрати апел и до локалното население ако може да се вклучи и да помогне во потрагата. Вели, потребни им се авиони, дополнителни дронови и хеликоптери, а секој може да се вклучи.

Волонтерите од ОФТАТХ и денеска трагаат по младото момче, но работите не се одвиваат во посакуваната насока.

-Денеска е многу тешко бидејќи времето не ни помага. Ќе продолжиме да бараме до 16-17 часот и ќе дадеме се од себе како и секогаш. Еден чамец ќе тргне од Мудања до долниот дел, а друг од Неа Скиони до Посиди. Постои вистинска борба против времето. Се надеваме дека ќе го најдеме детето и ќе го вратиме на неговото семејство кое после 10 дена чека да го врати во татковината, вели претседателот на ОФКАТХ Христос Рамос, кој е на лице место од почеток на потрагата.