
Русија се подготвува за анексија на украинска територија и има намера да постави нелегитимни и на неа блиски функционери во областите под нејзина контрола, изјави во вторникот Белата куќат без да приложи докази за своето тврдење.
Откривајќи ги наводните „американски разузнавачки податоци“, портпаролот на Националниот совет за безбедност, Џон Кирби, изјави на брифингот за новинарите во Белата куќа дека Русија се подготвува да ја воведе рубљата како валута и да ги „присили жителите“ да поднесат барања за руско државјанство,.
Всушност станува збор за јавно објавени во руските медиуми недостапни на Западот изјави на локалните привремени административни власти во областите во Украина кои руските сили и проруските сепаратисти ги нарекуваат „ослободени“, дека сакаат присоединување на Руската Федерација.
Уште пред две седмици на прашање на новинарите во Москва, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, одговори дека за тоа ќе решаваат само жителите на споменатите доминантно руски и рускојазични региони на југоистокот на Украина кои изминатите осум години се подложени на „агресивна дерусификација и присилна асимилација“ од страна на Киев, и дека таквите одлуки мора да имаат „правна оправданост и да бидат апсолутно легитимни“.
Русија, исто така, неодамна објави дека сите жители од териториите кои сега се под нејзина контрола а кои тоа го сакаат можат да побараат руско државјанство.
Нововоспоставените локални власти во источната Херсонска област уште на почетокот на мај објавија дека ќе ја воведат рубљата како платежно средство наместо украинската гривна и дека сакаат директно да влезат во составот на Русија.
Кирби всушност ги повтори објавите во руските медиуми од претходните период и рече дека Русија „ќе се обиде да ја преземе контролата над телевизиските предаватели“. Меѓутоа, исто така во руските медиуми редовно се известува дека од телевизиските центри на заземените територии се емитуваат програмите на руските канали кои изминатите осум години беа забранети од властите во Киев.
Кирби во вторникот потврди и дека САД следните денови ќе најават нов пакет оружја за Украина, шеснаесетти по ред.
Коментирајќи ја посетата на рускиот претседател Владимир Путин на Иран во вторникот каде се сретна и со турскиот претседател Реџеп Тајип Ердога, Кирби во уште еден обид да го искористи недостигот од информации од руската страна на Западот, рече дека тоа „покажува дека Русија станала изолирана“.
САД минатата седмица рекоа дека поседувале наводни информации според кои Иран се подготвува на Русија да ѝ испорача неколку стотици беспилотни летала, вклучително и јуришни, и да ги обучува руските сили да ги употребуваат дроновите. Кирби, пак, во вторникот рече дека „сѐ уште нема назнаки дека Иран ѝ ги испорачал … на Русија“.
Иранското министерство за надворешни работи претходно негираше дека со Москва биле водени разговори на таа тема/