Рускиот гас повторно од четврток ќе протече кон Европа преку гасоводот Северен тек 1, по завршувањето на работите на годишното одржување, објави во средата германскиот оператор „Gascade“, но од Русија предупредија дека испораките би можело да бидат значително намалени.
„Потврдено е дека гасот повторно ќе протече“, извести германската компанија којашто управува со гасоводот.
Рускиот добавувач „Газпром“ откако кон средината на јуни за 60 отсто ги намали испораките на гасот преку Северен тек 1 поради неможноста поради антируските санкции од Канада од ремонт да биде вратена гасна турбина, на 11-ти јули поради редовното годишно техничко одржување ги запре испораките,
Германски „Siemens“ турбината за клучната гасна потстаница Портоваја ја испрати на ремонт во своите погони крај Монтреал, а Канада по сервисот го блокираше нејзиното испорачување, поради санкциите врз „Газпром“. По еден месец преговори со Отава, Берлин издејствува турбината да биде изземена од санкциите и покрај острите противења од Украина.
Според руските медиуми, таа во понеделникот била испорачана во Германија, а потоа требало да биде транспортирана во Русија. Меѓутоа, во средата „Газпром“ објави дека нема да може да ја инсталира без неопходната документација којашто „Siemens“, според нив, сѐ уште не ја доставил.
„Газпром од Siemens не доби никакви официјални документи кои би овозможиле, според условите на санкциите коишто ги воведоа Канада и ЕУ, моторот за гасната турбина да биде инсталирана на компресорската станица Портоваја“, порача руската државна компанија.
Портпаролката не германската влада, Кристине Хофман, изјави денеска дека гасот повторно ќе протече преку Северен тек 1, според распоредот и договорените обврски на „Газпром“.
Хофман не сакаше да ги коментира вчерашните предупредување на рускиот претседател Владимир Путин дека испораките би можело да бидат намалени на 33 милиони кубни метри гас дневно, доколку турбините и другите уреди не бидат наскоро вратени.
Тоа би значело дека гасоводот би работел со петтина од вкупниот капацитет, проценуваат во Берлин. Северен тек 1 има капацитет над 55 милијарди кубни метри гас годишно за извоз во Европската унија, која минатата 2021 година увезла вкупно околу 140 милијарди кубни метри гас од Русија. Тој и најголемата директна рута за снабдување на Европа со гас.
По посетата на Техеран, рускиот претседател предупреди и на други проблеми со пумпите и опремата на Северен тек 1, додавајќи дека уште една ќе биде испратена на сервисирање со 26-ти јули. Путин истакна притоа дека „Газпром“ е подготвен да ги исполни своите обврски од договорите за испорака на гасот.
Челникот на германскиот енергетски регулатор, Клаус Милер, изјави во средата дека за 21-ви јули се нарачани 800 гигаватчасови гас (како што се изразува обемот на енергенсот во ЕУ), предупредувајќи дека сепак количеството до четврток може да биде променето. Ден пред затворањето на Северен тек 1 испорачани се 698 гигаватчасови гас.
Во средата утрото гасоводот и книгата за резервации и нарачки биле празни, откако гасот во вторникот вечерта накусо бил пуштен преки цевководот за проверка на притисокот, пишува Reuters.