
Иран во средата привремено го отповика својот амбасадор во Стокхолм поради консултации, што е протест против пресудата на суд во Шведска со која мината седмица беше осуден поранешниот ирански функционер Хамид Нури под обвинение дека наводно учествувал во мачења и ликвидации на политичките затвореници во 1980-те години.
„Исламската Република Иран, во знак на протест поради незаконската казна изразена во Шведска против Хамид Нури… реши да го отповика својот амбасадор во Шведска на консултации“, објави ноќта кон четвртокот портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи Насер Канаани, кого го цитира новинската агенција ISNA.
„Пресудата се темели на неосновани, искривени и измислени обвинувања“, додал Канаани.
ведски суд на 14-ти јули го осуди сега 61-годишниот поранешен ирански функционер Хамид Нури на доживотен затвор под обвинение дека наводно учествувал во масовни егзекуции и мачења на политички затвореници. Осуден беше за „тешки злосторства според меѓународното право“ и „учество во егзекуции“.
Според судот, Нури во времето на масовните егзекуции и мачење на политичките затвореници бил помошник на обвинителот во затвор во близина на Техеран.
Нури беше уапсени на аеродромот во Стокхолм во 2018 година, откако ирански дисиденти во Шведска во тамошната полиција поднеле пријави против него. Според шведските закони, судовите може да им судат на шведски и странски државјани за злосторства против меѓународното право сторени надвор од територијата на Шведска.
Постапката против него траеше од август 2021 година, и ги влоши односите меѓу Иран и Шведска, а Техеран ја отфрли пресудата како „политичка“. Непосредно пред да заврши судењето во мај, иранските медиуми известија дека шведско-иранскиот научник Ахмадреза Џалали е осуден на смрт под обвинение дека шпионирал во полза на Израел и оти ќе биде егзекутиран. Стокхолм објави и дека еден шведски турист завршил во ирански затвор.