Русија објави дека уништилa четири американски HIMARS во Украина

Руското министерство за одбрана во петокот објави дека досега неговите сили уништиле четири американски повеќекратни ракетни системи со висока мобилност и долг дострел од моделот HIMARS во Украина.

„Во периодот од 4-ти до 20-ти јули уништени се четири ракетни лансери и едно возило за полнење на американските ракетни системи за повеќекратно лансирање (HIMARS) доставени во Украина“, се вели меѓу другото во дневниот брифинг на руското министерство за одбрана.

Уништени ракетни системи биле лоцирани во областа Красноармејск, на источната периферија на Константиновка и во областа Малотарановка, каде што руските вооружени сили уништиле два система HIMARS во еден напад, прецизира министерството.

Киев ги негира тврдењата на Москва, нарекувајќи ги „лажни и осмислени за поткопување на поддршката“ на Западот за Украина. Агенцијата Reuters наведе дека не можела да ги потврди извештаите од боиштето.

Украина тврди дека со испораките на системи HIMARS ќе направи пресврт во војната, за којашто претходно седмицава претседател Владимир Зеленски рече дека мора да заврши пред почетокот на зимата.

Системите HIMARS имаа поголем дострел и се попрецизни од артилеријата која ја поседува Украина. Американскиот ракетен систем HIMARS со дострел од околу 80 километри беше дел од 11-от пакет воена помош на САД за Украина во војната против Русија, донесен на 1-ви јуни. Тогаш Белата куќа соопшти дека Киев се обврзал дека таквите вооружувања со долг дострел нема да ги користи за напади врз цели на руска територија, на што во Москва одговорија со неверување, па една од целите на сегашната офанзива на руските трупи во Украина е да ги потиснат украинските единици кон централниот дел од земјата и надвор од дострелот на таквите системи.

Севкупно со последниот пакет, САД на Украина досега ѝ обезбедил 16 системи HIMARS, но најмалку два од нив се уништени во руските удари. Вкупната воена помош на Вашингтон за Киев од почетокот на војната изнесува 8 милијарди долари, а само 2,2 милијарди долари во јуни. Не се соопштени вкупните податоци за американската воена помош на Киев во изминатите осум години, по превратот во Киев во 2014 година, помогнат првенствено од Вашингтон.