
Здравствената состојба на американскиот претседател Џо Бајден се поправила откако во четвртокот беше позитивен на тестот на Covid-19, соопшти во петокот неговиот личен лекар во писмото што го објави Белата куќа.
„Неговите симптоми се поблаги“, напишал Кевин О’Конор додавајќи дека претседателот кој во ноември ќе наполни 80 години во четвртокот вечерта имал лесно зголемена телесна температура од 37,4 степени. Бајден „и натаму се чувствува заморно, му тече носот и повремено кашла“, додал лекарот.
Бајден двапати се вакцинирал против Covid-19 и примил две дополнителни „бустер“ дози од вакцината, се додава во извештајот на О’Конор, наведувајќи дека очекува дека претседателот „добро ќе реагира“ на вирусната инфекција.
„Претседателот добро го поднесува лекувањето“, додава О’Конор, мислејќи притоа на „Paxlovid“, лек на американската фармацевтска компанија „Pfizer“ против Covid-19 кој му го препишал на Бајден.
Според О’Конор, на 46-от американски претседател кој работи во карантин во Белата куќа, му е препишан и „парацетамол“, а за секој случај добил и пумпичка со лек за ширење на бронхиите.