Американските дипломати ги молат странските колеги да не се фотографираат со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, тврди во објавата на Telegram каналот од неделата портпаролката на руската дипломатија Марија Захарова.
Според неа, на овој начин претставниците на американскиот Стејт департмент се обидуваат да создадат впечаток за наводна „меѓународна изолираност“ на Русија.
„Во меѓувреме, американските дипломати во разни држави трчаат од врата на врата и молат (сега не се смеат гласно) да не се фотографираат со Лавров за Русија да не ги користела овие фотографии како доказ дека не е изолирана“, пишува Захарова.
Дипломатката притоа порачува дека за тие цели Москва не ги користи фотографиите, туку „глупоста, апломбилноста и целосниот недостиг од чувство за реалност“ на високите претставници на Соединетите држави.
Објавата на Захарова доаѓа во пресрет на разговорите на Лавров подоцна во неделата со челниците на Египет. Во рамките на својата африканска турнеја, шефот на руската дипломатија ќе ги посети уште и Етиопија, Уганда и Република Конго.