Италија отвори хуманитарен коридор за бегалци од Авганистан

Италијанското Министерство за надворешни работи соопшти дека денеска пристигнаа во Рим првите од околу 300 авганистански бегалци, преку хуманитарен коридор организиран од италијанската Влада и граѓански здруженија, хуманитарни и меѓународни организации.

Целта е со хуманитарниот коридор да им се даде можност на други бегалци и прогонети Авганистанци да имаат достоинствена и безбедна иднина по повлекувањето на САД од Авганистан минатиот август, и преземањето на власта од страна на талибанците, соопшти Министерството.

МНР во Рим соопшти дека ќе им се даде приоритет на жените и децата за коридорот низ кој се очекува да бидат префрлени 1.200 бегалци од Иран и Пакистан и другите соседни земји.

Најмалку девет авганистански бегалци пристигнаа со лет од Техеран. Уште 200 треба да пристигнат од Исламабад в среда, а третата група ќе пристигне од Техеран в четврток.

Во исто време, расте бројот на авганистански бегалци кои користат шверцерски рути, па така околу 3.280 кои пристигнале во Италија по морски пат оваа година, според Агенцијата за бегалци на ОН.

Меѓународната организација за миграции соопшти дека Авганистанците се најбројни меѓу бегалците кои се осмелуваат да ја поминат опасната рута преку Медитеранот до европските брегови. До минатиот петок пристигнале 8.121 луѓе.