ОФКАТ: Мартин припаѓа на копно и кога тогаш ќе се врати, да го пуштиме морето да ја направи својата „работа“

Дваесетти ден од потрагата на Мартин Јовановски која е без успех. Напорите тој да се пронајде изминативе денови не вложија резултати.

Од грчки ОФКАТ објавија дека случајот со Мартин нема да биде затворен, но и дека истрагата продолжува како што велат на „второ“ ниво.

-Денес затвораме 20 дена без Мартин.!!! Напорите за негово лоцирање цело ова време за жал беа неуспешни иако морето, копното и небото ги „измешавме“ со она што имаме на располагање и сите државни органи. Мартин не припаѓа на морето, Мартин припаѓа на копното и мора да се „врати“ таму во одреден момент. Па да го оставиме морето да си ја заврши „работата“ неколку дена со надеж дека во еден момент ќе ни се оддолжи. Сочувствуваме со неговото семејство и затоа нема да дозволиме случајот да се затвори! На мајката Лидија и неговиот брат Горан им ветивме дека ќе го најдеме Мартин. Потрагата сега продолжува на „второ“ ниво, велат од ОФКАТ.

Неговиот пријател Иван, кој беше второпронајден по поминати над 20 часа во морето пред два дена објави фотографија на која се обележани местата каде било пребарувано.

-Површината со плаво е помината од грчките служби. Површината со црвено е помината самостојно од нашата екипа, секое крајбрежје што не е проодно е поминато детално од наша страна. Истрагата продолжува од двете страни. Крајбрежната стража секојдневно ги информира пловните возила и рибарите, OFKATH продолжува со нивниот план, и ние со нашиот, објави Иван пред два дена.

Трите момчиња на почеток на месецот беа повлечени од морските струи кај Посиди, на првиот крак на Халкидики. Претходно го прославувале роденденот на Иван.

Првото момче беше набрзо пронајдено од сурфер кој ја информираше крајбрежната стража. Иван беше пронајден по поминати над 20 часа со вода, успеал да се одржи благодарение на полуиздижана топка која ја нашол во водата.

Портагата по Мартин се уште трае.