Цената на парното во Скопје од 1 август ќе се зголеми за 14,18 проценти.
Тоа значи дека кај просечна сметка за топлинска енергија од 1.800 денари, зголемувањето би било 250 денари.
– Цела Европа и регионот имаат сериозни проблеми во енергетскиот сектор заради превисоките цени на енергетските ресурси и намалените количини на природен гас што се увезуваат од Русија. За производство на топлинска енергија користиме увозен природен гас чија цена денес е околу 10 пати повисока од цената во јули 2021 година. Енергетските компании што вршат снабдување со топлинска енергија побараа зголемување на цената и до 78 проценти. Во денешните одлуки зголемувањето на цената за најголемиот број потрошувачи кои се снабдуваат од БЕГ е само 14,18 проценти што се должи на значајната субвенција во цената на топлинската енергија за домаќинствата од страна на Владата, изјави претседателот на РКЕ Марко Бислимоски.
Се предвидува ТЕ-ТО да обезбеди 70 проценти од потребната топлинска енергија, а 30 проценти да се обезбедат од топланите.
Доколку ТЕ-ТО не работи и ако нема субвенции од државата, како што посочи Бислимоски, цената би се зголемила за над 100 проценти.
– Доколку не е можно да се увезат потребните количини на природен гас за производство на топлинска енергија во ТЕ-ТО и топланите, тогаш сета потребна топлинска енергија ќе мора да се произведе во топланите со користење на мазут, што е многу неповолно од еколошки аспект, и е ризично заради потенцијалната неможност да се обезбедат потребните количини на мазут, рече Бислимоски.
Апелира до сите потрошувачи, почнувајќи од институциите на централно и локално ниво, во грејната сезона да ги следат препораките на ЕУ за штедење и намалување на греењето.
– Еден степен намалување на температурата овозможува заштеда на енергенс од околу 5 проценти, рече Бислимоски на денешната прес-конференција.