
Најмалку 24 лица ги загубиле животите а уште 19 други се водат како исчезнати во последните 48 часа по поплавите кои од средата ги погодија регионот близу главниот град Техеран, соопштија официјални ирански извори.
„Поради последиците од обилните дождови и поплави смртно настрадаа 24 лица во селото Емамзадех Давуд на западот на земјата и во областите Фирузкух, Руденхен и Дамаванд источно од Техеран“, според податоците на иранската Црвена полумесечина од каде додаваат дека продолжува операцијата на потрага по 19 исчезнати лица.
Засега е познато дека во туристичката дестинација Емамзадех Давуд и во регионот Дамаванд од последиците на поплавите смртно настрадале седум луѓе, а 14 се сметаат за исчезнати.
Иран е главно сушна земја а во изминатите десет години сушите во повеќе наврати беа особени изразени. Но земјата страдаше и од чести поплави по обилните врнежи.
Во интервјуто за иранската државна телевизија министерот за внатрешни работи Ахмад Вахиди во петокот изјави дека со поплавите се погодени 18 покраини ширум земјата. Меѓу нив се регионите Мазандаран, Алборз, Маркази, Исфахан, Јазд и Техеран.
Додаде дека во централниот дел на земјата во покраината Јазд „патиштата и коловозите се поплавени, особено во историскиот дел од градот“, кој УНЕСКО го вброи во листата на светското културно наследство.
Во текстуалната порака преку Twitter во четвртокот, иранската Црвен полумесечина го советуваше населението да не им се приближува на реките и до понеделник да остана во ридските области.
Од последиците на претходното силно невреме коешто минатата седмица ја зафати јужната покраина Фарси, особено подложна на поплави, смртно настрада 22 лица.
Во 2019 година обилните врнежи во јужен Иран однесоа 75 животи и предизвикаа штети кои беа проценети на повеќе од две милијарди американски долари.