Извлечена една од најголемите премии во историјата на лотаријата во САД

Американската лотарија Mega Millions објави во саботата дека во петокот ноќта по американски време е извлечен добитниот тикет чиј сопствени го освоил џекпотот во износ од над 1,33 милијарди долари, што е една од најголемите исплати во историјата на американската лотарија.

Сопственикот или сопственичката на добитниот тикет е од сојузната држава Илиноис, а среќната комбинација е 13, 36, 45, 57 и 67 плус бонус бројката (Mega Ball) 14.

„Играчи на Mega Millions, проверете ги своите ливчиња! Го имаме добитникот…. во Илиноис. Следете нѐ за да дознаете повеќе поединости. Одвај чекаме да дознаеме кој е среќникот или среќничката, се надеваме дека наскоро ќе му честитаме!“, изјави Пет Мекддоналд од лотаријата.

Џекпотот првично беше проценет на 1,28 милијарди долари, но се покажало дека „конечната вредност е поголема од проценетата“, појаснуваат од „Mega Millions“.

Доколку добитникот се согласи на исплата во рати во следните 30 години, ќе добие 1,337 милијарди долари, а доколку сака исплата во една рака ќе добие „само“ 780 милиони долари, од кои дел би одел за данок, проценуваат од лотаријата.

Премијата за оваа лотарија постојано растеше во последните три месеца. Во претходните 30 извлекувања никој не успеа да ги погоди шесте точни бројки. Од „Mega Millions“ наведоа дека изгледите за освојување на оваа неверојатна сума изнесувале само 1 наспроти 303 милиони.

Најголемата досегашна добивка на лотарија изнесуваше 1,586 милијарди долари. Бројките беа извлечени во јануари 2016 година во рамките на другата голема американска лотарија „Powerball“, но добивката тогаш ја делеа тројца добитници.’