Расел прв во квалификациите за Големата награда на Унгарија

Возачот на Мерцедес, Британецот Џорџ Расел, ќе стартува од „пол-позицијата“ на неделната трка во класата Формула 1 за Големата награда на Унгарија на патеката Хунгароринг крај Будимпешта.

Британецот така освои првата „пол-позиција“ во кариерата, а најбрзиот круг го извози во време од 1:17.377 минути. Второто место го обезбеди возачот на Ферари, Шпанецот Карлос Саинц со заостанување од 0,044 секунди, додека трет беше неговиот клупски колега Шарл Леклер од Монако, со заостанување од 0,190 секунди,

Трката од четвртата позиција ќе ја започне Ландо Норис од Меккларен, петти беше Естаман Окон од Алпен, а како шести заврши неговиот тимски колега Фернандо Алонсо.

На седмата позиција се пласираше седумкратниот светски првак Британецот Луис Хамилтон од Мерцедес, а актуелниот светски првак и моментално водечкиот во генералниот пласман Макс Верстапен од Ред Бул е десетти откако имаше проблеми со болидот при крајот на тренингот. Неговиот клупски колега Серхио Перез изненадувачки не успеа да се квалификува во третото претколо, па заврши на 11-то место.

Трката за Големата награда на Унгарија се вози в недела од 15 часот. Во генералниот пласман по 12 трки води Верстапен со 233 поени, Леклер е вотр со 170, додека Перез е трет со 163 бодови.