САД се главната закана во новиот стратешки документ на руската морнарица

Рускиот претседател Владимир Путин ја потпиша во неделата новата доктрина на руската воена морнарица од којашто се познати малку поединости, но се дознава дека САД се наведени како најголемата закана и противник на Русија, а документот ги содржи и руските поморски амбиции во областите како Арктик и Црното Море каде што се работи веќе една деценија.

По смотрата на Денот на руската воена морнарица, односно 326-годишнината од нејзиното основање во Санкт Петербург, Путин одржа кус говор во кој најави дека поморските сили во следните месеци ќе бидат опремени со новите хиперсонични балистички ракети „Циркон“, за кои рече дека се оружје кое во моментов нема пандан во светот. Предупреди дека Русија има доволна воена моќ да го порази секој агресор.

Кусо пред говорот Путин ја потпиша неодамна сочинета на 55 страница во којашто се поставени широки стратешки цели на руската морнарица. Се наведува, како што пренесуваат медиумите кои имале увид во дел од документот, дека амбицијата е Русија да стане „голема поморска сила“ којашто ќе делува на сите мориња.

Рускиот брег е долг 37.650 километри и се протега од Јапонското до Белото Море, а ги вклучува и Црното Море и Каспиското Езеро како други стратешки географски локации.

Најголемата закана за Русија, како што се наведува во документот, е „стратешката политика на САД кои сакаа да доминираат со светските океани“, како активностите на НАТО кои се спроведуваат сѐ поблиску до руските граници.

Путин во говорот не ја спомена војната во Украина, но во документот е најавено „опсежно јакнење на руската геополитичка позиција“ во Црното и Азовското Море.

 

Како област од посебна важност издвоен е Арктик

Русија уште во 2019 година почна со реализација на планот за вооружување на арктичките дивизии на Северната флота со противвоздушните ракетни системи „С-400“ со што ќе воспостави одбранбена „купола“ на поларната област. Русија во септември таа година ги размести своите напредни одбранбени системи „С-400 Триумф“ на архипелагот Нова Земја на далечниот север, а командантот на руската Северна флота и најави дека слични распоредувања ќе има ширум регионот.

Русија последните години го зајакнува своето воено присуство на Арктикот со градење нова најсовремена инфраструктура, обновување на пристаништата и воздухопловните бази, и развој на возила специјално наменети за поларни услови.

Другите земји, исто така, се обидуваат да го зајакнат своето присуство на Арктик, регион со огромно неискористено богатство од минерали. Тоа истовремено предизвикува стравување од јакнење на геополитичкото ривалство. САД ја обвинуваат Русија дека „агресивно се однесува“ во поларниот регион и предупредуваат дека треба „будно да се следат потезите“ на Кина.

Основата за државната политика на Русија во Арктикот до 2020 година е дефинирана со документ потпишан во 2008 година од тогашниот претседател на Руската Федерација Дмитриј Медведев. На крајот на ноември 2019 година, Министерството за развој на рускиот Далечен исток и Арктикот соопшти дека е завршена работата на нацрт-стратегијата за развој на руската арктичка зона до 2035 година.

Путин во јануари годинава ја задолжи владата да изнесе предлози за градење железничка пруга којашто ќе води до брегот на Баренцовото Море на крајниот северозапад на земјата, во согласност со плановите на Москва да го развие Арктикот кои предвидуваат и подигнување нови градови.

Еден од стратешките проекти на Русија започнати минатата деценија се развојот на арктичката област, каде е започната градбата на гасоводот во должина од 770 километри, а се одвојуваат големи средства и во рударскиот сектор и во обновување и воспоставување на воената инфраструктура.

Рускиот претседател Владимир Путин побара во саботата од премиерот Михаил Мишустин да „изнесе предлози за градење на железничка врска до Баренцовото Море“, соопштија Кремљ. Рокот за поднесување на предлозите е 10-ти мај, се додава.

Крајната дестинација на железницата би била во базата Индига, во арктичката област Ненец, каде што Русија во следниот период планира да изгради пристаниште коешто ќе биде во функција преку целата година. Развојот на северниот морски пат тесно е поврзана со рускиот напредок на Арктикот и Москва вложува голему суми во флотата на мразокршачи и танкери.

Во 2018 година, Финска и Норвешка, во обидот да одговорат на стратегијата на Русија, објавија дека заеднички планираат градење арктичка железничка линија којашто би одела од северот на Финска до брегот на Баренцовото Море.

Во настојувањата да го развие крајниот север богат со ресурси, руските власти летото 2020 година објавија дека ќе им овозможат на Русите бесплатно да добијат земјиште во арктичката област на земјата, за таму да ги изградат своите домови и да започнат бизниси, според нацрт-законот кој го подготви владата.

Во долгорочната стратегија за развој на земјата на претседателот Владимир Путин, рускиот дел од Арктикот има приоритет, како и обновувањето на тамошната инфраструктура, започната со повторното враќање на руското воено присуство во регионот и со обновување или градење нова пристанишна мрежа во обидот северниот морски правец да го направи важна поморска рута, која би настанала имајќи ги предвид проекциите на стручњаците во врска со глобалното затоплување.

Нацрт-законот кој го подготвило министерството за национални ресурси предвидува програма според којашто жителите на рускиот Арктик би можеле да добијат до еден хектар земјиште за таму да изградат куќа или да го користат за разни деловни активности, на пример за туризам. По шест месеци оваа програма, популарно наречена „поларен хектар“, би била отворена за сите Руси.

Според предлогот, секој арктички регион би одредил земјишта кои ќе ги стави на располагање за програмата. Тие имоти ќе бидат дадени на пет години по коишто нивните сопственици би требало да се регистрираат како сопственици или да ги добијат во долгорочни наеми. Русија слична иницијатива покрена на својот Далечен исток во 2016 година, за да го поттикне економскиот раст и стандардот на населението во своите ретко населени области.

Од 2,5 милиони жители, околу 90 отсто од населението на рускиот Арктик, живеат во големите градови како Мурманск, Норислк и Архангелск, се додава во соопштението на министерството. Москва во периодот на Советскиот сојуз го јакнеше своето присуство во областа, но тамошната индустрија започна да слабее откако во 1991 година се распадна СССР што доведе и до пад на бројот на тамошното население.