Пукања и блокади на Косово, Вучиќ во Генералштабот на српската армија

Косовската полиција соопшти во неделата вечера дека од неколку локации на северот на оваа поранешна јужна српска покраина се слушале истрел и според неа било наводно пукано и во правец на полицијата, додека српски извори од Косово потврдуваат за рафални истрели од локациите кои се блокирани како и дека еден косовски Србин е хоспитализиран откако бил претепан од косовските специјалци.

По тензиите кои започнаа попладнето кога косовската полиција започна со блокирање на административните премини кон централна Србија на што српското население кое е мнозинско на северот одговори со блокади на патишта и собири, од Приштина кон Косовска Митровица се упатиле најмалку 30 оклопни возила со тешко вооружени припадници на косовските специјални полициски сили ROSU.

Во поделениот град во текот на денот неколкупати се огласија сирените за тревога. Во Белград доцна ноќта објавија дека претседателот на Србија и врховен командант Александар Вучиќ има состанок со воениот врв во Генералштабот на Војската на Србија и вечерва се очекува негово директно обраќање до нацијата.

Претходно вечерта српското министерство за одбрана ги негираше информациите во некои приштински медиуми дека наводно српски војници ја минале административната граница и се упатиле кон Косовска Митровица.

„Граѓаните дадоа информации дека постојат случаи на запирање Апбанци кои се малтретирани, нанесувани им се повреди и материјални оштетувања на возилата од лица за кои има сомнежи дека ги организирале блокадите на патиштата“, соопшти полицијата во Приштина без прецизирање на кои локации се случиле инцидентите и пружање докази.

Откако беше објавено дека полициските специјалци со „долги цевки“ од Приштина и други места се упатени кон Косовска Митровица, тамошните Срби со камиони и возила го блокираа магистралниот пат во близина на преминот Јариње, во општината Лепосавиќ. Косовската полиција истовремено ги затвори двата административни премина кон централна Србија.

Тензиите се случуваат откако владата во Приштина објави дека од понеделникот 1-ви август ќе го забрани влезот на територијата на лица со лични документи од Србија и наместо тоа ќе им издава тримесечни ткн „влезно-излезни документи“. Забранети и исто така одземани ќе бидат регистарските ознаки КМ (Косовска Митровица) издадени во Србија за градовите од северот на поранешната српска јужна покраина Косово и Метохија, којашто во 2008 година еднострано со поддршка на САД и главните нивни сојузници во ЕУ прогласи независност.

Приштина тврди дека станува збор за реципрочни мерки, а Белград тврди дека станува збор за една точка од договорите од пред 11 години во преговорите под покровителство на Брисел според кој на српска територија не се пропушта влегување на граѓаните од поранешната покраина со документите кои ги издаваат косовските власти.

Косовскиот премиер Албин Курти изјави во неделата вечерта дека тензиите на северот на Косово ги предизвикале „запалливи изјави на функционери на српската влада“.

Но набрзо се огласи и Ричард Гренел, поранешен специјален претставник на САД за дијалогот меѓу Белград и Приштина, кој ги осуди политиките на Курти.

„Повторно крајно левичарскиот радикален и искусен фашистички премиер на Косово, Албин Курти еднострано презема чекор да ги отфрли српските регистерски таблички и личните карти на Косово. Глупаво, безобѕирно и непотребно“, напиша Гренел на Twitter,

Гренел, исто така, ги запраша Џејк Саливан, советник за национална безбедност во Белата куќа и американскиот државен секретар Ентони Блинкен „зошто не му кажале на Курти (кој неодамна престојуваше во Вашингтон – з.р.) да престане со својот фашистички начин на однесување“ и додава дека разговарал со Албанци на Косово кои го обвиниле актуелниот премиер за создавање непотребни проблеми.

Руското министерство за надворешни работи во неделата ноќта ја повика Приштина „да престане со провокациите“ и порача дека одлуката за почетокот на примената на „правилата“ за присилна замена на личните документи и регистерски таблички на локалните Срби претставува уште еден чекор кон протерување на српското население од Косово.

Москва ги повика Приштина, како Вашингтон и Брисел „кои стојат зад неа“, да прекине со провокациите и да ги „почитува правата на Србите на Косово и Метохија“.

На драматичната прес-конференција во неделата напладне, српскиот претседател Александар Вучиќ реагирајќи на најавите од Приштина, ги повика западните земји кои ја поддржуваат, да се „вразумат“ за да се избегне конфронтација за која „моли“ да не се случи, но порача дека доколку дојде до такво нешто „Србија ќе победи“.

Поради најавите на владата на Албин Кури, претставници на косовските Срби во саботата се сретнаа со Вучиќ кому му искажале загриженост и предупредија на можни инциденти доколку Приштина со сила да ги наметне тие мерки. Поради тоа српските претседател ги повика косовските власти да не применуваат сила а Србите да не подлегнуваат на провокации.