Русија ги смета барањата на Косово за неосновани и го поддржува Белград, изјави за новинарите портпаролот на претседателот, Дмитриј Песков. „Ние, се разбира, апсолутно ја поддржуваме Србија. Блиски сме со косовските Срби. Сметаме дека барањата на косовските власти се апсолутно неразумни“, рече портпаролот на Кремљ, пренесува Риа Новости.
Прес секретарот истакна дека сега е избегната ескалација на конфликтот. Москва ја поддржува конструктивната позиција на Белград објавена од претседателот Александар Вучиќ, продолжи портпаролот.
„Се разбира, ние веруваме дека оние земји кои го признаа Косово и се гаранти треба да го искористат сето свое влијание за да ги предупредат косовските власти да не преземаат никакви непромислени чекори кои би можеле да доведат до дополнителна ескалација“, рече тој.
Односите на Русија со Србија Песков ги нарече пријателски, многу искрени и многу длабоки и увери дека тие ќе продолжат да се развиваат.
Ситуацијата на Косово ескалираше претходната ноќ, два часа се слушаа сирени за воздушни напади, а мештаните почнаа да градат барикади на патиштата. Причината беше намерата на Приштина да воведе забрана за влез со српски документи и регистарски таблички од 1 август. Косовските власти одлучија да го одложат воведувањето на рестрикциите до 1 септември, по поканата на американскиот амбасадор во Косово. Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, рече дека очекува намалување на тензиите и вети дека Белград ќе направи се за да се постигне мир преку компромис.