Кинеската армија во вторникот ги започна воените вежби во водите на Јужнокинеското Море во период на регионалната ескалација поради најавената посета на Тајван на претседателката на Претставничкиот дом на американскиот конгрес, Ненси Пелоси, што Пекинг го смета за опасна провокација и повреда на кинескиот суверенитет.
Командата за поморска безбедност на Кина објави дека воените маневри во областа на Јужнокинеското Море во близина на Тајванскиот теснец започнале во 00.00 часот на 2-ри август и ќе траат до 24.00 часот на 6-ти август по локално време, поради што е забрането пловењето на сите видови пловила во таа област.
Кинеската армија не открива кои видови војска ќе бидат ангажирани, а исто така не прецизира како вид маневри ќе бидат спроведувани.
Минатата седмица, кинеската воена морнарица одржа маневри со боеви гаѓања во близина на брегот на источната провинција Фуџијан, лоциран преку теснецот директно наспроти Тајван. Покрај тоа, кинеската армија спроведе и вежби во западниот дел на теснецот Чионгжу, кој ја дели јужната провинција Гуангдонг од островот Хианан, како и во акваториумот југоисточно од островот Даваншан, јужно од брегот на Гуангдонг.
Ваквите маневри со стрелби боева муниција се одржуваат и од 1-ви до 4-ти август во водите на заливот Бохан на истокот на земјата, а штотуку завршија вежбите на трупите од источните и јужните зони на борбената команда на кинеската армија во Источна Кина и Јужнокинеското Море.
Многу регионални безбедносни коментатори ги поврзуваат активностите на кинеските војски не само со прославите по повод 95-годишнината од формирањето на Народноослободителната армија на Кина, туку и со азиската турнеја на Ненси Пелоси, која според најавите во вторникот вечерта треба да допатува на Тајван, кого Пекинг го смета за своја одметната покраина и посетата ја смета за американска провокација и нарушување на кинескиот суверенитет.
Кина повеќепати предупреди Пелоси да не оди на Тајван, но САД во понеделникот порачаа дека нема да бидат „исплашени од кинеското ѕвецкање со оружје“ поради посетата.
Истовремено во вторникот се известува дека неколку кинески борбени авиони летале близу средишната линија на Тајванскиот теснец на овој чувствителен и важен поморски пат во кој се забележани и кинески воени бродови.
Според американски неименувани извори на Reuters, кинески воени бродови и авиони ја „допреле“ во вторникот утрото средишната неофицијална линија на раздвојување во теснецот, што е опишано како „неовообичаен и многу провокативвен“ потег.
Според истите извори, кинески борен авион во вторникот утрото повеќепати изел тактички потези со „кратко допирање“ на средишната линија и кружење наназад на другата страна на теснецот, додека тајванските авиони биле во приправност во близината. Според изворот авионите на двете страни наводно обично не ја минуваа средишната линија, но изминатата година Тајпеј известуваше за масовни навлегувања на кинески борбени авиони во неговата ткн Зона за идентификација на воздушната одбрана на Тајван (ADIZ).
Од друга страна, тајванското министерство за одбрана го засилило новото на борбената приправност од вторникот утрото до четвртокот попладне, соопштија тамошните власти.
Според извори блиски на Пелоси повеќето нејзини планирани состаноци во Тајпеј, вклучително и со претседателката Цаи Инг-вен, како и со воениот врв, се закажани за средата, па е можно нејзината делегација со дваесеттина конгресмени да слета на Тајван рано утрото во средата.
Во меѓувреме според податоците на веб-страницата која ги следи летовите Flightradar, авионот во кој можеби се наоѓа Ненси Пелоси во вторникот рано попладнето по македонско време свртел во правец на Тајван и лета над морето на Сулавеси. Според информациите од веб-страницата, авионот „Boeing S-40S“ полетал од Куала Лумпур без одредена дестинација ги прелетал островите Боренео и Сулавес, а потоа се упатил во северен правец,.
Претходно тајванските медиуми објавија дека авионот со Пелоси и американската делегација би требало да се приземји на аеродромот Суншан крај Тајпеј меѓу 21 и 22,30 часот во вторникот по локално време, или меѓу 15 и 16,30 часот по македонско време. Пелоси, според истите извори, би требало да ја мине ноќта во хотелот „Grand Hyatt“ а утрото во средата да се сретне со тајванските челници.
Откако во понеделникот ја започна својата азиска турнеја во Сингапур, беа најавени и посети на Јужна Кореја и Јапонија но не и на Тајван. Белата куќа во понеделникот рече дека не била известена за посетата на претседателката на Претставничкиот дом, но дека Пелоси од оваа функција втор во наследната линија на претседателот на државата, самостојно ги носи одлуките за нејзините патувања и нема обврска да известува за тоа.
Портпаролот на кинеското министерство за надворешни работи Жао Лиџијан во понеделникот на редовниот брифинг реле дека посетата би претставувала „грубо мешање во внатрешните работи на Кина“, и предупреди дека „кинеската војска никогаш нема да седи со скрстени раце“.