ВИДЕО| Москва тврди дека украинската артилерија уништила сопствена единица

Украинската артилерија потполно разбила моторизиран пешадиски баталјон, исто така, на украинските вооружени сили при неговото повлекување, соопшти во вторникот на редовниот брифинг во Москва, руското министерство за одбрана кои тврди дека во изминатото деноноќие животите ги загубиле повеќе стотици украински војници.

„Претрпувајќи значителни загуби, 21-от баталјон на 56-та моторизирана пешадиска бригада во областа на Пески, при повлекувањето во областа на местото Водјаное потпадна под артилериски оган на украинските трупи и беше речиси целосно уништен“, се вели во соопштението на руското министерство за одбрана во прегледот за активностите во последните 24 часа.

Во дневниот билтен се наведува и дека при руското гранатирање на борбените позиции на 16-от баталјон на 48-та моторизиран бригада на украинските вооружени сили во областа на Артемовск, загинале 130 борци на единиците составени од припадници на крајно десните организации.

„Преостанатите 70 војници брзо ја напуштија позицијата и се упатија кон Конотоп, каде што беа разоружени и прогласени за дезертери“, се тврди во соопштението на руската војска чиишто наводи не може да се проверат од независни извори.

Од Москва додаваат и дека руските воздухопловни сили извеле напади во областа Маријнка врз вториот баталјон на украинската 54-та механизирана бригада при што наводно биле убиени повеќе од 50 украински војници.

Руската војска известува и за воздушен удар врз позиции на ткн „Странска легија“ во близина на градот Николаев, при што биле убиени околу 250 странски платеници и уништени повеќе од 20 единици воена опрема.

Покрај тоа, во регионот на Харков во воздушни напади биле убиени до 500 припадници на паравоените „националистички“ формации како дел од 92-та механизирана бригада на украинската армија, и притоа уништено е и големо количество воена опрема, наведува руското министерство за одбрна.