
Данската биотехнолошка компанија „Баваријан Нордил“ објави оваа недела дека Европската комисија дала дозвола, нејзината вакцина „Имванекс“ да се продава како заштита од мајмунски сипаници, како што препорача Европската агенција за лекови (ЕМА).
Одобрувањето дојде само еден ден откако Светската здравствена организација издаде предупредување на високо ниво со кое прогласи епидемија на мајмунски сипаници што брзо се шири за глобална здравствена вонредна состојба.
-Достапноста на вакцината може значително да ја подобри подготвеноста на нациите за борба против новите болести, изјави извршниот директор на данската компанија Пол Чаплин.
Вакцината „Имванекс“, единствената одобрена за превенција од мајмунски сипаници во САД и Канада, досега беше одобрена само во ЕУ за третман на сипаници. Сепак, компанијата ја испорача вакцината во неколку земји на ЕУ за време на актуелната епидемија на мајмунски сипаници за различна употреба од онаа за која првично беше наменета вакцината. Одобрението важи во сите земји членки на Европската унија, како и во Исланд, Лихтенштајн и Норвешка, се вели во соопштението на оваа компанија.
Развојот на „Имванекс“ е овозможен со значајните инвестиции на американската влада во последните две децении, истакнуваат од данската компанија.