Лавров: САД сѐ уште не понудија преговори за контрола на оружјето

Соединетите држави сѐ уште не ѝ понудиле на Русија преговори за контрола во вооружувањето, изјави во средата рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров.

„Не ни предложија таквите разговори да продолжат“, изјавил Лавров одговарајќи на новинарски прашање во текот на неговата посета на Мјанмар, пренесе агенцијата ТАСС.

Станува збор за замена или продолжување на договорот за контрола во вооружувањето ткн Нов START–3, единствениот од преостанатите такви договори меѓу Вашингтон и Москва.

Последниот нуклеарен договор меѓу САД и Русија, ткн Новиот START-3 е договор кој Москва и Вашингтон го потпишаа во 2010 година. Според него, двете земји се договорија оперативните носечки системи за нуклеарно оружје како ракети, бомби, и подморници да ги намалат на по 700, а исто така предвидува и лимитирање на по околу 1.550 боеви глави, додека вкупно ракетни лансери не смеат да бидат повеќе од 800. Договорот беше на сила до 5-ти февруари 2021 година, по што автоматски според договореното можеше да биде и продолжен, но не подолго од пет години, со согласност од двете страни.

Претходно седмицава започна конференцијата на Обединетите нации за Договорот за неширење на нуклеарното оружје (NPT). Во видео-обраќањето американскиот претседател Џо Бајден рече дека неговата администрација е подготвена „итно“ да преговара за новите рамки за контролата на вооружувањето да се замени новиот START кога ќе истекне во 2026 година.

„Меѓутоа, преговорите бараат партнер со волја кој дејствува во добра вера“, рече тогаш Бајден обвинувајќи дека „руската агресија врз Украина претставува напад врз меѓународниот поредок“.

Тоа во Москва засега неофицијално се толкува како незаинтересираност на Вашингтон за продолжување на договорот за контрола и неширање на нуклеарното вооружување.