„Simens“ вели дека сѐ уште не може да ја врати турбината во Русија, Шолц ја обвинува Москва дека лаже

Турбинската единица за гасоводот Северен тек 1 со кој природниот гас од Русија се испорачува во Германија, сѐ уште не му е испорачана на руски „Газпром“, изјави извршниот директор на компанијата „Siemens Energy“, Кристијан Брух на средбата со германскиот канцелар Олаф Шоцл кој ја обвинува Москва дека лаже со тврдењето дека протокот на гасот е намален поради неиспорачувањето на турбината за компримирање на гасот.

Шолц придружуван од Брух, како што најави „Siemens“, ги посетија погоните на компанијата во градот Милхајм на Рур, каде се наоѓа спорната турбина.

„Ние сме исклучително заинтересирано за враќање на турбината во Русија со поддршка на сојузната влада. Од наша гледна точка, сите документи, царински документи (…) се подготвени но потребно е учество на клиентот односно ‘Газпром’. Тоа сѐ уште го нема. Затоа, не можеме да ја испорачаме оваа турбина, којашто е тука повеќе една од седмица“, изјавил Брух.

Шолц, пак, истакна дека нема пречки за поврзување на турбината.

„За мене е важно да истакнам дека оваа турбина може да се вклучена во секој момент, таа може да биде користена. Ништо не го спречува нејзиниот натамошен транспорт во Русија“, изјави Шолц.

Според него, не постојат „гасни санкции“ коишто би ја спречиле употреба на турбината.

„Апсолутно ништо не ја спречува испораката на турбината на Русија. Таа може во секој момент да биде транспортирана и е подготвена за употреба. Единствено што е потребно е некој тоа и да го бара“, рече Шолц,.

Германскиот канцелар никој во „Газпром“ сѐ уште официјално не побарал транспорт, ниту испратил царински документи за да може да се изврши транспорт до пумпната станица во Виброг, близу руско-финската граница каде што гасоводот Северен тек 1 влегува во Балтикот.

Од „Газпром“ уште пред десет дена во соопштение за медиумите посочија дека сѐ уште не ја добиле неопходната документација за извршениот ремонт и оти недостигаат документи кои ќе го овозможат транспортот а потоа и проверката на турбината и нејзината исправност.

„Сите дозволи од наша страна се тука и тоа од Канада, каде турбината беше на ремонт, па преку Велика Британија преку која е транспортирана, како и германските дозволи“, тврди Шолц.

Шолц укажа дека „Газпром“ по редовниот годишен ремонт во јули повторно го пуштил гасот низ Северен тек 1, но со само 20 отсто од можниот капацитет со објаснување дека турбината сѐ уште не е вградена на старото место.

Од своја страна, пак, „Газпром“ минатата седмица појасни дека рускиот регулатор предупредил на опасноста од користењето на уште две такви гасни турбини кои сѐ уште не се ремонтирани, што според нив исто така влијае врз капацитетот на искористеност на гасоводот.

На 25-ти јули руската државна компанија објави дека добила документи од „Siemens“ од властите на Канада, каде што била ремонтирана турбината, но дека останува прашањето со санкциите од ЕУ и Велика Британија. Тоа прашање, велат во „Газпром“ е важно и за враќањето во Русија на поправената турбина за Северен тек 1, и за итниот ремонт на другите две турбини.

Инаку, за целосен капацитет на работа на гасоводот Северен тек 1 потребни се пет турбини, од кои во моментов во функција е само една.

Шолц, исто така, укажа и на тоа дека гасот може да се префрли и на други гасоводи, но ја отфрли идејата за користење на Северен тек 2 за испораките во Европа. Од друга страна, пак, гасоводот кој оди преку Полска не се користи поради одбивањето на Варшава да плаќа во рубљи, а преку Украина поради воените дејствија таму за транзитот кон Европа се користи само еден јазол.

Шолц во интервјуто за канадскиот дневен весник The Globe and Mail вели дека намалувањето на испораките на гас кон Европа се „дел од стратегиите на Кремљ“.

„Со испораката на турбината го разоткривме блефирањето на (рускиот претседател Владимир) Путин. Тој веќе не може да ја користи турбината како причина за намалување на дотокот на гасот“, тврди Шолц

Гасоводот Северен тек 1 во моментов е единствената рута за испорака на рускиот гас во Европа. Поради проблемите со враќањето на турбината за што долго разговараа Берлин и Отава, како и поради редовното годишно одржување на инфраструктурата, делумно предизвикани од санкциите, „Газпром“ соопшти дека е принуден да го намали пумпањето на гас во цевководот, првично на 40 а потаи и на 20 отсто од капацитетот.